Основно јавно обвинителство Скопје презема интензивни активности за целосно расветлување на трагичниот настан што вчера се случи во Карпош, при кој по пад од висококатница животот го загубија мајка и нејзиното малолетно дете. Во рамки на постапката, едно лице е задржано во полициска станица, а по наредба на јавен обвинител се вршат дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност.
Од Обвинителството информираат дека е обезбедена наредба од судија на претходна постапка и дека во текот на денот ќе биде извршен детален претрес на станот каде што се случил настанот. Станот, како што се наведува, веднаш по извршениот увид бил запечатен и ставен под обезбедување. Според првичните информации, во моментот на трагедијата, починатата жена и малолетното девојче биле сами во станот, кој бил заклучен одвнатре, пренесува МИА.
Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации. Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите – се посочува во соопштението.
Во делот на евентуално претходно постапување, јавниот обвинител побарал детални информации од Министерство за внатрешни работи и од Центар за социјални работи, поврзани со можни претходни пријави или поплаки од страна на оштетената. Дополнително, ќе биде наложено и внатрешната контрола на МВР да го испита начинот на постапување по тие евентуални пријави.































