Фото:Принтскрин

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека неодамнешните коментари на американскиот државен секретар Марко Рубио потврдуваат дека САД „влегле во војна по сопствен избор во име на Израел“.

Рубио претходно изјави дека нападите на Вашингтон врз Иран претставуваат проактивна мерка за заштита на американските интереси од, како што рече, „неминовна закана“.

– Знаевме дека ќе има израелска акција, дека тоа ќе предизвика напад врз американските сили и дека, доколку не дејствуваме превентивно, ќе претрпиме поголеми жртви – изјави Рубио, додавајќи дека „ова мораше да се случи“.

Арагчи, реагирајќи на изјавата, оцени дека со тоа е потврдено она што, според него, „веќе било јасно“.

– Рубио го призна она што сите го знаевме: САД влегоа во војна по сопствен избор во име на Израел. Никогаш немало никаква таканаречена иранска закана – изјави иранскиот министер, додавајќи дека одговорноста за „пролевањето на американската и иранската крв“ ја припишува на Израел.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Арагчи порача дека „американскиот народ заслужува подобро и треба да си ја врати својата земја“.

САД и Израел во саботата започнаа офанзива од големи размери против Иран, што доведе до ескалација на тензиите во регионот, при што Техеран лансираше ракети кон американски бази во неколку заливски држави.