Поради најновиот развој на безбедносната состојба на Блискиот Исток, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека во рамки на институцијата е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за поддршка, помош и асистенција на македонските државјани.
Од Министерството апелираат до сите македонски државјани што се наоѓаат во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните информации на надлежните институции и строго да се придржуваат до пропишаните безбедносни протоколи. Дополнително, се препорачува одложување на сите непотребни патувања кон земјите од регионот сè до подобрување на безбедносната состојба.
-Министерството, со сите свои капацитети и преку дипломатско-конзуларните претставништва, останува целосно на располагање на македонските државјани и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите релевантни информации и понатамошни насоки – наведуваат од Министерството.
Воедно, граѓаните кои имаат потреба од помош или дополнителни информации можат да се обратат на следните контакти:
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Претходно во текот на денот, Министерството информираше дека 11 македонски државјани побарале евакуација од Израел.
-Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба. Во оваа фаза, препораката до нашите државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено – информира Министерството.
































