
Германските автомобилски гиганти во агонија
- Германската автомобилска индустрија, со децении симбол на технолошка супериорност и индустриска моќ, се соочува со една од најдлабоките кризи во својата понова историја. Каква е состојбата сега и какви се предвидувањата за иднината на една од најпрепознатливите германски стопански гранки?
Деновиве во јавноста одекна острото предупредување на економистот Мориц Шуларик, претседател на Институтот за светска економија во Кил, во врска со тешката депресија во која се наоѓа германската автомобилска индустрија. Според него, малку е веројатно дека „Фолксваген“, БМВ и „Мерцедес бенц“ ќе опстанат во сегашната структура до крајот на деценијата! Сепак, реакциите во јавноста не се помируваат со ваквиот песимистички реализам.
– Ваквиот став можеби не е децидна проекција за исчезнување на брендовите, туку едноставно дека е неопходно длабинско реструктурирање, можни спојувања, преземања или влез на стратешки инвеститори што би ја промениле сопственичката и управувачката архитектура зад препознатливите логоа – се коментарите на економските аналитичари во Германија, кои се декларираат како оптимистички реалисти.
Сепак, факт е дека германскиот канцелар деновиве не го посети попусто Пекинг. И тој очајнички се обидува да го спасува германското стопанство од трендот на континуирана рецесија, со посебно залагање за автомобилската индустрија, со која германската индустрија добиваше светски имиџ и идентитет.
Примерот на шведски „Волво“
Како пример за можна трансформација, Мориц Шуларик го наведува „Волво“, кој во 2010 година премина под контрола на кинеската група „Гили“. Наместо да исчезне, брендот се репозиционира како лидер во електрификацијата и безбедносниот дизајн.
Пораката е јасна: брендовите можат да опстанат, но сопственичката структура и стратегиската насока може драматично да се променат.
Германската индустрија, силно ориентирана кон извоз, дополнително е погодена од високите цени на енергијата и геополитичките тензии. Анкетите покажуваат дека многу компании одложуваат инвестиции во Германија и се вртат кон пазари како Кина и САД.
Предупредувањата на Шуларик предизвикаа остри реакции. Хилдегард Милер, претседателка на Здружението на германската автоиндустрија, ги оцени неговите прогнози како „апсурдни“, нагласувајќи дека германските производители и натаму се силни, но оптоварени со високи енергетски трошоци и неповолни национални политики.
Од политичка перспектива, Чем Ездемир од редовите на зелените изрази поголема доверба во способноста на индустријата да се адаптира, повикувајќи на одговорно управување со трансформацијата.
Дебатата, всушност, отвора дилема дали Германија ќе биде активен креатор на новата мобилност или ќе се приспособува на одлуки донесени во Пекинг или можеби Силициумската Долина или некој друг глобален центар.
Финансиски предупредувачки сигнали
Тензичната состојба веќе се гледа во билансите. Во рамките на групацијата „Фолксваген“, падот на профитот кај „Порше“ од речиси 96 проценти ја намали просечната заработка и покажа колку брзо можат да се стопат маржите на променлив пазар.
Во меѓувреме, „Мерцедес бенц“ се обидува да се стабилизира, а новата генерација на моделот ЦЛА привлекува медиумско внимание и интерес кај купувачите – сигнал дека брендот сè уште има пазарна моќ.
Сепак, структурните предизвици остануваат: од 2019 година германската автомобилска индустрија изгуби околу 120.000 работни места, при што најпогодени се доставувачите.
Болна трансформација наместо драматичен колапс
Најверојатното сценарио е драматично, нo сѐ уште не е дојдено до опасност од исчезнување на легендарните марки, туку за „длабока трансформација“. Логоата можеби ќе останат исти, но сопственоста, технолошките партнери и стратегиските одлуки може да бидат сосема поинакви.
За работниците тоа значи неизвесност, преквалификација и можни затворања на погони. За купувачите – повисоки цени, повеќе дигитални услуги и автомобили создадени во заеднички вложувања со странски партнери. За инвеститорите – нова мапа на ризици и можности.
Германската автомобилска индустрија се наоѓа на историски крстопат. Прашањето не е дали ќе се промени, туку колку длабока и болна ќе биде таа промена – и дали Германија ќе ја предводи следната револуција во мобилноста или ќе биде принудена само – да ја следи! Е.Р.
Германската автомобилска индустрија „наседна“ на „електричната револуција“
Проблемот, според Шуларик, не е само во замената на моторите со внатрешно согорување со електрични погони. Транзицијата кон електромобилност подразбира целосен редизајн на производствените линии, синџирите на снабдување и бизнис-моделите. Батериите, софтверот, енергетската ефикасност и интегрираните дигитални системи стануваат клучни елементи на конкурентноста.
Покрај тоа, автомобилската индустрија влегува во трка за автономно управување, вештачка интелигенција и поврзани услуги. Додека германските производители традиционално доминираа во инженерството и механиката, новата фаза бара дигитална експертиза и агилност типична за технолошките компании.
Шуларик предупредува дека Германија ризикува преголема фокусираност на минатите успеси, додека глобалната конкуренција – особено од Кина и САД – агресивно инвестира во нови технологии и софтверски платформи. Е.Р.
































