Унгарскиот премиер Виктор Орбан побара Европската унија да испрати „мисија за утврдување факти“ која ќе ја процени штетата на нафтоводот „Дружба“ во Украина. Во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во кое имал увид „Ројтерс“, Орбан нагласува дека ваквата мисија би можела да помогне во деблокирањето на новото финансирање за Украина, пренесе МИА.
– Унгарија ја поддржува идејата за мисија за утврдување факти со учество на експерти делегирани од Унгарија и Словачка за да се потврди статусот на гасоводот „Дружба“ – наведува Орбан во писмото.
Тој додава дека е свесен за политичките тешкотии што ги предизвикува одложувањето на големиот заем од ЕУ за Украина, но смета дека неговата иницијатива може да помогне во олеснување на процесот и во дефинирање на временската рамка за решавање на прашањето.
Оваа недела Унгарија ги блокираше новите санкции против Русија и заемот за Украина, како реакција на прекинот на протокот на нафта низ „Дружба“. Украина тврди дека нафтоводот сè уште не е поправен по руските напади кон крајот на јануари.
„Дружба“ е еден од најголемите системи за транспорт на руска сурова нафта кон Централна Европа и претставува клучен снабдувачки правец за Унгарија.

































