Тројцата турски државјани Рамазан Аџет, Селахадин Арслан и Осман Метихан-Кулдруд се осудени на по пет години затвор за нивната улога како помагачи во убиството што се случи во мај 2025 година во кафуле на плоштадот „Слобода“ во Штип. Пресудата ја соопшти судијката Јулијана Недкова од Основниот суд во Штип.
– Судот ги осудува обвинетите Рамазан Аџет, Селахатин Арслан, Осман Метихан Кулдур како помагачи за сторено кривично дело убиство на казна затвор од по пет години. Во изречената казна затвор на обвинетите, сите од Турција им се пресметува и времето поминато во притвор сметано од 5 мај 2025, па се додека притворот трае. Судот им изрекува и казна протерување странец од земјата, кое ќе трае засекогаш, кое започнува од денот на протерување на сторителот од територија на Македонија, а казната ќе се изврши по издржување на изречените казна затвор во траење од по пет години – рече Недкова при изрекувањето на пресудата.
Четвртообвинетата доби три месеци затворска казна, која веќе ја има издржано преку притвор и куќен притвор.
Убиството се случи во мај 2025 година во едно кафуле во Штип. Главниот сторител, Кадир Кара, кој ја призна вината, е осуден на 17 години затвор и доживотно протерување од Македонија, кое ќе се спроведе по издржувањето на казната во македонски затвор.




































