Како да се поттикне развојот на домашните компании
- Се отвора прашањето што може да направи државата како мерка за поддршка на домашните компании. Дали проектите за самовработување или за раст на бројот на вработени во компаниите се доволни или има и други начини за поттикнување на растот и развојот на домашните компании?
Забележаниот напредок во намалувањето на невработеноста во Македонија во изминатите неколку години се должи на развојот на економијата, како и на влезот на повеќе странски компании во земјава, при што се најавуваат дополнителни странски инвестиции што треба да водат кон нов бран вработувања и подобрување на животот за граѓаните.
– Борбата за стандардот и намалувањето на невработените лица на оваа влада ѝ е еден од главните приоритети. Во фаза на потврда сме на три многу важни странски инвестиции – германска, грчка и турска, со вредност од околу 110-120 милиони евра што ќе донесат повеќе од 1.500 нови вработувања. Едната е во делот на автомобилската индустрија – турска, едната е во делот на индустријата на високи технологии – германска и едната е во делот на фармацијата – грчка – кажа неодамна премиерот Христијан Мицкоски.
Тој воедно потенцира дека бројот на невработени од околу деведесет и осум илјади е намален на приближно деведесет и една илјада. Притоа додаде дека воедно голем дел лица што фигурираат како невработени користат дел од законските одредби, а исто така се присутни на пазарот на трудот и се дел од таа таканаречена сива економија.
Мерки за поддршка на стопанството
Премиерот Мицкоски ги нагласи и мерките што се преземаат за намалување на невработеноста, како што е Законот за привремено ангажирање, но и нов закон, кој го изработува Министерството за економија и труд – дел од реформската агенда на Оперативниот план за вработување невработени лица… А дополнително се осврна на поддршката за компаниите, како што се евтините кредити.
– Со субвенционирањето на евтините кредити и овластената каматна стапка од 1,95 отсто овозможивме бизнисот во Македонија да користи поволни заеми, нашиот бизнис денес користи најниски каматни стапки во Европа. И токму тоа е резултатот зошто имавме 12, 13, 15 проценти поголем инвестициски циклус минатата година – истакна Мицкоски.
Ова го отвора прашањето што друго може да направи државата како мерка за поддршка на домашните компании. Дали проектите за самовработување или за раст на бројот на вработени во компаниите се доволни или има и други начини за поттикнување на растот и развојот на домашните компании?
Економистите имаат различни мислења. Тие признаваат дека самата позиционираност на глобалната сцена ги става мултинационалните компании во огромна предност, но некои од нив сепак потенцираат дека протекционизмот само ќе ја уништи конкурентноста.
– На странските пазари постои голема конкуренција, која ги принудува компаниите што извезуваат постојано да вложуваат во нова посовремена опрема, во обуки на вработените, во кратење на непродуктивните трошоци и сето она што придонесува за зголемување на нивната продуктивност. Развиените пазари не дозволуваат да бидете конкурентни ако немате добра продуктивност и минимални трошоци по единица производ. За разлика од нив, на македонскиот пазар, поради неговата големина и многу малата конкуренција, им се овозможува и на компании со многу ниска продуктивност да опстанат на пазарот. Ова е особено присутно во секторите каде што поради големите транспортни трошоци странските производители не се конкурентни на нашиот пазар – вели економист познат на нашата редакција.
Следење на чекорот со технологијата
Нашиот соговорник потенцира дека предноста на странските компании е и во современа технологија, организацијата на работата и доброто управување од фирмите мајки кон фирмите ќерки што работат во Македонија. Тој дополнува дека странските компании бараат од домашните менаџери не само почитување на сите стандарди на работење туку и континуирани извештаи за работењето, продуктивноста, трошоците и, се разбира, финансиските резултати.
– Владата треба да обезбеди функционална пазарна економија, што значи да се запрат сите царински заштити на домашните компании, бидејќи е докажано дека ако фирмите имаат заштита од странската конкуренција, тие се чувствуваат лежерно и не се грижат за продуктивноста и рентабилноста во работењето, туку очекуваат добивките да ги остварат преку заштита од страна на Владата. Од страна на компаниите треба да се очекува следење на новите технологии и на современите менаџерски практики и, наместо да вложуваат во убави фасади на нивните деловни згради, да вложуваат во современа опрема и технологии за производство што ние ги немаме. Развојот не доаѓа сам по себе, туку преку развојот на технологијата, човечките ресурси, доброто владение и позитивната бизнис-клима за која е одговорна Владата – нагласува нашиот соговорник.
Корупцијата – кочница за економијата
Претставникот на Конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков, пак, посочува дека некои од проблемите што го кочат развојот на економијата ѝ се веќе добро познати во јавноста и дека чекорите што се преземаат за нивно надминување сепак се минорни.
– Има неколку проблеми што се клучни. Сакав да почнам со корупцијата, меѓутоа прво она што е важно е регулаторните правила, кои отежнуваат лесно водење бизнис. Така ќе ги наречам. Порано, со години имавме регулаторна гилотина, која донекаде имаше успешен почеток, меѓутоа кај нас оптоварувањето за водење бизнис со парафискални процедури, со парафискални даноци, давачки со одредени извозни, увозни, производствени, тековни процедури во која било сфера – животна средина, енергетика, транспорт и таму – го отежнува начинот на водење бизнис. И за нас, деловното опкружување е точката број еден за проблем во економијата – посочува Бошков.
Но потоа тој додава дека втора „кочница“ е корупцијата, која е поврзана со горенаведеното, процедури што директно ја насочуваат економијата, без разлика дали се еден, двајца, тројца работодавци што имаат одредена потреба од процедура што секогаш е условена со одредено „зошто, затоа и таму“. Односно, зборува за корупцијата, која знаеме како се одвива.
– И понатаму, како една од првите три точки, е нашата инфраструктурна подготвеност. Ние, додека не бидеме инфраструктурно подготвени, не можеме да ја зголемиме конкурентноста на економијата – заклучува Бошков. Е.Р.

































