- Наша заедничка мисија е да вложуваме во млади таленти и модерна инфраструктура со истата страст со која навиваме на трибините. Секој успех на спортски терен е успех за нашата држава и најдобар влог во иднината на нашите генерации, пишува во соопштението на МОК
Македонскиот олимписки комитет (МОК) упатува длабока благодарност и искрени честитки до нашите олимпијци Јана Атанасовска, Виктор Петков, Ставре Јада и Ана Цветановска, кои со огромна пожртвуваност достоинствено ја претставуваа Македонија на најголемата светска спортска сцена. Оваа благодарност ја споделуваме и со нивните тренери и стручни тимови, чија посветеност беше клучна во остварувањето на олимписките норми и подготовките за овој врвен предизвик. Посебна благодарност упатуваме и до Скијачката федерација на Македонија за одличната соработка и меѓусебна координација, што овозможи системски пристап во реализацијата на оваа олимписка програма, се наведува во соопштението на МОК.
Настапите на нашите спортисти во Милано и Кортина донесоа вредни резултати и значајно искуство. Гледано објективно, овие постигнувања го претставуваат нашиот моментален максимум. Покажаната борбеност на нашите таленти е патоказ за потенцијалот што го поседуваме кога институциите работат заеднички. Сепак, овој настап е и реално соочување со јазот меѓу домашните услови и светската елита. Тоа за нас не е обесхрабрување, туку силен мотив за уште поинтензивна работа и кревање на стандардите, пишува Македонскиот олимписки комитет.
„МОК упатува јасен апел дека за сериозни резултати во иднина е неопходно итно и стратешко фокусирање на развојот на домашните зимски капацитети и центри. Не е одржливо нашите спортисти да зависат исклучиво од подготовки во странство. Ревитализацијата на македонските зимски патеки и инфраструктура мора да биде приоритет на националната спортска стратегија. Само преку создавање модерни домашни бази можеме да им овозможиме на нашите олимпијци услови какви што заслужуваат во текот на целата година, пишува МОК. За МОК, оваа Олимпијада е највисокиот дострел на нашиот спортски дух и гордост. Спортот е најмоќниот национален проект и затоа веруваме дека е неопходна тесна соработка меѓу сите институции, бидејќи олимпијците го носат името на целата држава. Очекуваме дека овој олимписки циклус ќе биде поттик за уште поблиска соработка со сите државни институции и бизнис-секторот преку долгорочна национална стратегија. Наша заедничка мисија е да вложуваме во млади таленти и модерна инфраструктура со истата страст со која навиваме на трибините. Секој успех на спортски терен е успех за нашата држава и најдобар влог во иднината на нашите генерации“, пишува во соопштението на Македонскиот олимписки комитет. Г.И.

































