Музичарот Горан Тонев, кој настапувал како гитарист со бендот ДНК, сведочеше за трагичната вечер во дискотеката „Пулс“. Тој објасни дека имал усмен договор со клавијатуристот Филип Стефановски да биде надворешен соработник на групата и да учествува на нивните настапи.
– Тоа беше период од година и три месеци, имав усмен договор со Филип Стефановски, клавијатурист на бендот, да бидам надворешен соработник на бендот ДНК и да свирам гитара со нив. Тој нѐ организираше нас, музичарите во колку часот, каде да бидеме и не известуваше за настапите – рече Манев, пренесе МИА.
Тонев сведочеше дека вечерта пристигнал околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев, а потоа се приклучиле и останатите членови на групата. По тонската проба, тој и Ѓорѓиев накратко го напуштиле локалот, но се вратиле околу полноќ за настапот.
– Кога се качивме на бината пред да настапуваме тие веќе беа таму наместени – рече Тонев за пиротехничките средства, додавајќи дека на други настапи забележувал нивно присуство, но не знаел кој ги поставува.
Околу 2.30 часот започнал пожарот. „Панчо кажа на микрофонот сите да излеземе надвор бидејќи плафонот почна да гори,“ сведочеше тој. Тонев опиша како огнот брзо се ширел, сунгерите капеле и чадот бил густ, поради што имал тешкотии со дишењето.
– Пожарот настана над бината, јас се симнав по скалите од бината, се упатив кон излезот, екстремно брзо се ширеше пожарот, од горе од сунгерот капеа капки, беше екстремно топло, имаше многу густ чад, не можев да дишам и тоа траеше многу време. Како што гореа сунгерите тие се топеа и кога погледнав нагоре огнот беше над мојата глава и капеа црни капки. Имам повреди и од нив. Сунгерот изгледаше како во музичките студија, беше во брановита форма – рече Тонев.
Тој посочи дека има изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и десната рака.
– Се лекував во Солун. Се уште не можам да ја извршувам својата функција како гитарист – дополни Тонев.
На прашање за поставувањето на пиротехниката, тој рече: „Го имам видено како Мартин околу нив ги поместува напред, назад, само тоа, не таа вечер, генерално,“ додавајќи дека не му е познато дали тој се грижел за пиротехниката.
– Не, не сум видел такво нешто – одговори на прашање дали некој реагирал да ги отстрани прскалките пред пожарот.
Во вкрстените прашања од одбраната, бранителката на сопственикот на „Пулс“ се обиде да заклучи дека пиротехниката била набавувана од групата ДНК. Тонев одговори: „Не знам, не сум видел.“
– Никогаш не сме разговарале во врска со пиротехника, секогаш разговаравме во врска со репертоарот и звукот. Не сум забележал кој ја активира – рече Тонев.
Тој додаде дека на околу 50 настапи со бендот, пиротехниката се користела на околу 15, но никогаш не видел кој ја носи или поставува.
– Во врска со светлата и другите работи, никој немаше контрола на тоа и немаме ние сценски настап, само излегуваме и свириме – рече Тонев.
Сведокот посочи и дека во 2025 година бината во дискотеката била потесна, плафонот понизок и имало повеќе лед ефекти во споредба со претходната година.




































