Како да ги искористиме авионските поврзувања за повеќе туристи
- Во согласност со најавите, летово од главниот град ќе се лета кон две нови дестинации во Италија, Палермо и Алгеро, но од март ќе има летови и кон Будимпешта и Неапол. Исто така ќе биде воведен и лет од Охрид до Милано, но и до Виена, Катовице и Вроцлав
Бројот на дестинации со кои имаме авионска поврзаност низ годините постојано се зголемува, а граѓаните може да избираат меѓу голем број дестинации низ Европа, но и подалеку. Новите линии што значително ја сменија сликата за достапни дестинации придонесоа Македонците да можат да патуваат поевтино и побрзо до многу познати дестинации низ Европа, што е голема предност за нашите сограѓани.
Во согласност со најавите, летово од главниот град ќе се лета кон две нови дестинации во Италија, Палермо и Алгеро, но од март ќе има летови и кон Будимпешта и Неапол. Исто така ќе биде воведен и лет од Охрид до Милано, но и до Виена, Катовице и Вроцлав.
– Уште две нови авиолинии од скопскиот аеродром! Убави вести за сите што сакаат да патуваат, како и за сите што сакаат да ја посетат Македонија. Од 15 јули од Скопје ќе може да се лета и до Палермо, а од 18 јули до Алгеро, Сардинија, во Италија. Со овие две нови авиолинии на „Визер“ се очекува уште повеќе да се зголеми авиосообраќајот на скопскиот аеродром, кој во 2025 година имаше рекордна година со над 3,2 милиони патници и со новите линии станува лидер во регионот – објави неодамна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Факт е дека со големиот број линии расте и бројот на патници што патуваат, особено од аеродромот во Скопје, но податоците сепак не покажуваат и значителен раст на бројот на посетители од дестинациите со кои се поврзуваме како туристи во нашата земја.
Природните убавини не се доволни сами по себе
Напротив, податоците на Државниот завод за статистика за минатиот декември покажуваат дека најголемиот број туристи во нашата земја имало од Турција и од соседството, Србија, Грција и Бугарија.
Ова го отвора прашањето како да се искористи авиоповрзувањето со европските земји и да се доведат повеќе туристи од земјите со кои имаме евтини авиолинии. Дали е потребно, паралелно со промоциите на авиолините во Македонија, да се рекламираат новите летови и локално во градовите со кои се поврзуваме или, пак, се потребни посилна туристичка кампања и зачестени промоции на нашите предности како дестинација?
– Колку и да е убава една дестинација, ако никој не знае за неа, таа останува само скриено богатство, а не туристички производ, особено денес, во ерата на дигитализација, евтини летови и лесна достапност на која било дестинација. Ништо не се случува случајно! Не е доволно да имаш планини, езера, културно наследство или уникатна гастрономија и да веруваш дека „тоа ќе се прочуе само по себе“. Aгенциите, хотелите, угостителите, институциите за култура и винарниците се дел од дојдовниот туризам и имаат клучна улога во промоцијата и надминувањето на недостатоците, но тоа не е доволно ако државата не создаде услови: инфраструктура, дигитална поврзаност, инфоцентри и јасна стратегија – вели Влатко Сулев, претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ).
Тој појаснува дека приватниот сектор е двигател на промоцијата во туризмот, но додава дека државата има централна улога во обезбедувањето рамка, инфраструктура и поддршка.
– Идентитет или бренд од една дестинација не се гради со поединечни акции, туку со конзистентна порака, правилно целење и оптимална фреквенција. Притоа е важно да се дефинираат мерливи резултати: дали тоа ќе бидат договорени нови туроператори, зголемување на капацитетот на летови, исполнетост со туристи особено пред и по сезона, просечна должина на престој, просечен приход по расположлива соба итн. Реченицата „предизвикавме интерес“ не е метрика, а без мерливи резултати сѐ е импровизација – потенцира Сулев.
Тој нагласува дека иако каналите на промоција се дигитализирале, Б2Б-каналите сѐ уште се најисплатливи ако се реализираат паметно: меѓународни саеми со јасна претсаемска кампања, однапред закажани средби и следење по саемот.
– Патувачки презентации во целни градови и со јасни релации град–град од кои аеродроми и со кои авиокомпании реално можеме да носиме патници. Информативни патувања (ФАМ) за туроператори и странски медиуми – со јасна цел и можност за креирање конкретна понуда. Постојано присуство на интернет: со оптимизација на јазиците на пазарите (СЕО), дата-маркетинг и повторно целење, користење влијателни лица и односите со јавност како канали за промоција. Заеднички маркетинг со авиокомпании и туроператори – заеднички буџети, заеднички цели и споделени ризици. Денес повеќе од кога било ни е потребна туристичка промоција – нагласува Сулев и додава дека е потребен однапред дефиниран календар на настани како саеми, патувачки презентации, информативни патувања, со транспарентен повик за заедничко учество на компаниите, со фонд за заедничко финансирање (50/50) на промотивни активности со приватниот сектор и со авиокомпании/туроператори.
И домашните гости мора да се вратат
Поранешниот директор на сега веќе непостојната Агенција за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски, истакнува дека иако минатата година ја завршивме со предвидениот скромен раст на странски туристи, но и континуиран пад на домашните туристи и ноќевања, со слаба туристичка промоција и слаба дигитализација, потребен е нов циклус.
– Силен фокус на домашните туристи и градење навики кај младите генерации преку едукација за убавините на државата претставуваат еден од столбовите на националниот идентитет. Детските одморалишта, кои се заборавени, претставуваат паметник за нашата негрижа како систем, рамнодушноста и безидејноста на локалните и централните власти во Македонија. Изградени се во далечните 70-ти и 80-ти години од минатиот век на точно одбрани еколокации во национални паркови, заштитени подрачја и средини во кои туризмот создава мултипликативни влијанија на локалниот економски развој и едукативна нишка што трајно се всадува на генерациите што учат, растат и се градат како личности. Од тука е потребно да започнеме да ја градиме Македонија како туристичка дестинација со целосна ревитализација и трансформација во современи центри за детски, младински и семеен туризам. Инвестиции што не се од доменот на импозантните инфраструктурни државни проекти, генерално финансиски поскромни, се брзо исплатливи, но и доволно влијателни да создадат дополнителен позитивен ефект во локалниот економски развој со нивната работа во текот на целата година – нагласува Јаневски.
Тој додава дека иако ја знаеме моменталната состојба, дотраена инфраструктура и застарени сместувачки капацитети, немање безбедносни и хигиенски стандарди, нејасен модел на управување и сопственост, недостиг од современи програми за деца од страна на Министерството за образование, слаба промоција и нефункционален бизнис-модел, не треба да се срамиме и да ја игнорираме.
– Паѓа во очи потребата од формирање национална туристичка организација што ќе управува под одредени услови и план со детските одморалишта. Во нив, освен децата, и државната администрација ќе може да одржува свои едукации, семинари, работилници, бидејќи во овој момент трошиме средства од државниот буџет со одржување на овие активности во регионот односно да развиваме други дестинации, а плаќаме субвенции за странски туристи. Нелогично, нели – нагласува Јанев.
Тој укажува дека наместо да ги чекаме туристите да дојдат, потребно е да се разбудиме и да почнеме да ја градиме Македонија како туристичка дестинација доволно магична за домашните туристи, кои треба да претставуваат основа на македонскиот туристички сектор, и странските, кои се дополнителна вредност. Е.Р.

































