- Во текот на 19 дена натпреварување спортистите имаа историски настапи што го кренаа стандардот на зимските спортови, поставувајќи олимписки и светски рекорди и покажувајќи извонредно ниво на денешните натпреварувачи
Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и Кортина д`Ампецо завршија во неделата со свечена церемонија, на која им беше оддадена почит на италијанскиот танц и музика во древната „Арена ди Верона“, приближно на средина помеѓу далечните планински, долински и градски места за овие најраспространети ЗОИ во историјата. Од Милано и италијанските Алпи до светската сцена, ЗОИ 2026 донесе прослава на спортот што се протегаше далеку над местата на одржување. Во текот на 19 дена натпреварување спортистите имаа историски настапи што го кренаа стандардот на зимските спортови, поставувајќи олимписки и светски рекорди и покажувајќи го извонредното ниво на денешните натпреварувачи. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) наведе некои клучни податоци.
На ЗОИ 2026 настапија околу 2.900 спортисти во осум спорта и 16 дисциплини. Дебитира скијачкото планинарење. Се одржаа 116 натпревари за медали, а беа доделени 740 медали. Соборени се 13 олимписки рекорди и еден светски. Учествуваа 92 национални олимписки комитети (НОК), плус индивидуални неутрални спортисти. Бенин, Гвинеја-Бисао и ОАЕ се натпреваруваа на своите први ЗОИ. Вкупно 29 земји освоија медали, две ги освоија своите први медали на ЗОИ, и тоа Бразил (златен, Лукас Пињеиро Бротен во алпско скијање, велеслалом за мажи) и Грузија (сребрен, Анастасија Метелкина и Лука Берулава во уметничко лизгање, двојки). Ова беа родово најизбалансирани ЗОИ, при што жените сочинуваа 47 отсто од спортистите. Со воведувањето четири нови женски настани, ЗОИ 2026 имаше најголем број натпревари за жени од сите ЗОИ досега.
АПЛИКАЦИИ, СОЦИЈАЛНИ МЕДИУМИ…
Продадени се над 1,3 милион билети. Повеќе од 600.000 луѓе ги посетија навивачките села, имаше 18.000 волонтери (избрани од 130.000 апликации, 51 отсто жени, а 49 отсто мажи, 48 отсто на возраст под 35 години, од 98 националности)… Над 6.500 часа се продуцирани од олимписките радиодифузни услуги, повеќе од 810 системи со камери ја снимаа целата акција, имаше 25 дрона, 32 кинематографски камери, 17 системи за репродукција од 360 степени во реално време, над 10.000 емитувачки персонал, 2.534 акредитирани печатени медиуми, 803 новински организации, 110 милиони корисници се вклучиле со платформите за веб и апликации на ЗОИ, што е рекорд за зимски олимписки игри. За време на ЗОИ 2026 се регистрирани 120 милиони отворања на апликацијата, со што таа се рангира како спортска апликација број 1 на повеќе од 75 територии, пишува ИОК. Доставени се 120 милиони персонализирани е-пораки до навивачите, активирајќи над 400 кампањи на девет јазици. Над 10 милијарди ангажмани се генерирани преку профилите на социјалните медиуми на ЗОИ 2026, што е тројно зголемување на обемот регистриран во однос на ЗОИ 2022, а 8,7 милиони нови следбеници се додадени преку профилите на социјалните медиуми, со што вкупниот број следбеници во светот достигна над 172 милиони, пишува ИОК.
ОДРЖЛИВОСТ…
Вкупно 85 отсто од местата за натпревари беа постојни или привремени (11 од 13), што значително ја намали потребата од нова градба. Речиси 100 отсто арените беа напојувани со обновлива електрична енергија, со резервни генератори напојувани со хидротретирано растително масло и обновливо биогориво. За намалување на непотребното производство беа користени високоефикасни системи за правење снег и ЏПС-мониторинг, со што се намали потрошувачката на електрична енергија за околу 30 отсто. Организаторите се обврзаа да рециклираат 70 отсто од урбаниот отпад, а 24.000 предмети од ЛОИ 2024 (мебел и логистичка опрема) беа повторно употребени за ЗОИ 2026.
Повеќе од 330 иницијативи инспирираа здрав начин на живот и инклузија, вклучувајќи ја Програмата за образование во која беа вклучени над пет милиони луѓе. Над 1,77 милион евра во набавки поврзани со Игрите им се доделени на локални социјални и микропретпријатија, поддржувајќи ги бизнисите да изградат капацитет за идни настани. Приближно 270.000 часа обука беа спроведени за 18.000 волонтери, развивајќи вештини за организирање големи настани. Се очекува да бидат генерирани над пет милијарди евра нето-економско влијание и 36.000 нови работни места за Италија, според процените на универзитетите „Бокони“ и „Ка’ Фоскари“, пишува ИОК. Г.И.


































