Техно
Месинџер се исклучува, а испраќањето пораки во прелистувачот се префрла на доменот на Фејсбук, што особено ќе влијае на корисниците без активна сметка.
„Мета“ ја исклучува посебната страница за Месинџер и, почнувајќи од април, таа повеќе нема да биде достапна, а сите корисници ќе бидат пренасочени кон Фејсбук.
Тоа значи дека испраќањето пораки преку посебен веб-интерфејс повеќе нема да биде можно. Ако сакате да продолжите да се допишувате во прелистувачот, ќе мора да користите facebook.com/messages, кој има речиси идентичен интерфејс како и претходната страница на Месинџер.
Компанијата потврди дека секој што ќе се обиде да отвори Месинџер автоматски ќе биде пренасочен кон Фејсбук. Корисниците со деактивирана фејсбук-сметка ќе бидат најпогодени. За нив, единствената опција ќе остане мобилната апликација (или активирање сметка).
„Мета“ не откри зошто го исклучува Месинџер, но ова не е првпат да направи сличен потег. Во декември минатата година компанијата ги прекина двете месинџер-апликации за Виндоус и Мек.


































