Разговор со Тина Иванова, авторка на едицијата за деца „Музичка кутија“
- Летото пред две години, за првпат откако станав мајка, останав сама во Охрид. Не ми беше сеедно кога се случи оној преоден момент дека пораснаа моите деца и станаа самостојни луѓе, а јас веќе не сум им потребна како порано. Решив да се навратам на спомените и за една седмица ги создадов овие книгички. Првата, која беше промовирана на седми февруари, е насловена „Златната книга на Лудви“ и е инспирирана од музиката на, според мене, најголемиот композитор на сите времиња Лудвиг ван Бетовен. Другите се поттикнати од музиката на исто така генијалните Јохан Себастијан Бах („Себастијан и ѕвездите“), Волфганг Амадеус Моцарт („Волшебната флејта на Вулфи“), Џузепе Верди („Сребрениот глас на Џузепа“) и Петар Илич Чајковски („Танцувачките чевли на Чајко“). Наменети се за деца од три до десет-единаесет години, вели Тина Иванова
Тина Иванова, музиколог, новинарка од областа на културата, уредничка и авторка, е нашата денешна соговорничка. Таа деновиве е актуелна со нејзината едиција за деца „Музичка кутија“, од која досега се објавени книгите „Златната книга на Лудви“ и „Магичната флејта на Вулфи“. Првата беше промовирана на почетокот на февруари, а промоцијата на втората книга се случи викендов во Скопје. Ја отвораме кутијата и го одмотуваме креативното клопче за да дознаеме за какви книги за деца станува збор, по што се посебни и каков бил процесот на создавање.
Дали коренот на инспирацијата за создавањето на овие книги е всаден во вашето детство?
– Јас самата сум дете, многу често. И, се гордеам со тоа дека ме нема напуштено таа мала смешна среќна Тина, која љубопитно трагаше по откривање на разните „мистериозни“ светови. Онаа Тина што правеше „глупости“ и која знаеше како да се изнаигра во детството.
Многу сум благодарна што ми беа овозможени прекрасно детство и младост, и тоа ме држи будна и денес, полна со елан и со ентузијазам за креација, за правење на нештата од невозможни да станат возможни. Неизмерно многу ги сакам децата и со нив умеам најдобро да комуницирам. Од нив учам. Моите деца сега се веќе големи, ќерка ми има 20, додека син ми во март ќе наполни 16 години. Ама, додека беа мали ги заспивав со читање книги. Кога им здодеаја истите ликови (повеќе мене, хахаха), почнав самата да измислувам приказни. И така, секоја ноќ се забавувавме сите. И мојот сопруг тогаш често знаеше да се вклучи во „филмот“ и додаваше многу хумористични елементи. Многу се смеевме. Имаше ноќи кога не престанувавме да се смееме, па потоа децата бараа уште и уште.
Приказните беа смешни, сѐ и сешто ми доаѓаше во мислите, ама некои беа и тажни и реални, па имаше периоди кога на децата ќе им потечеше и понекоја солза на лицето. Сочувствуваа со ликовите, многу емотивно. Во тие спонтани раскажувања имаше и педагогија, едукација. Уште тогаш се роди кај мене желба да пишувам за децата, но сега дојде времето да се реализира тоа. Од сите книги што ги создадов досега, овие ми се најубави, затоа што повторно ме држат блиску до малите деца.
Летото пред две години, за првпат откако станав мајка, останав сама во Охрид. Не ми беше сеедно кога се случи оној преоден момент дека пораснаа моите деца и дека се претворија во самостојни луѓе. Дека повеќе не сум им потребна како порано. Решив да се навратам на спомените и за една седмица ги создадов овие книгички.
Едицијата „Музичка кутија“ содржи пет книги. За каква содржина станува збор и каква порака сакате да упатите?
– Првата, која беше промовирана на седми февруари, е насловена „Златната книга на Лудви“ и е инспирирана од музиката на, според мене, најголемиот композитор на сите времиња Лудвиг ван Бетовен. Другите се поттикнати од музиката на исто така генијалните Јохан Себастијан Бах („Себастијан и ѕвездите“), Волфганг Амадеус Моцарт („Волшебната флејта на Вулфи“), Џузепе Верди („Сребрениот глас на Џузепа“) и Петар Илич Чајковски („Танцувачките чевли на Чајко“). Наменети се за деца од три до десет-единаесет години. Книгите не се биографски, немаат директна допирна точка со животот на музичките генијалци, туку се лично мое доживување за тоа како, кога би била дете, би си ги замислила додека ги слушам нивните мелодии.
Во сите книги е содржан и еден момент на нереалност, на фантазија, нешто што е навидум магично, а сепак, на крајот, излегува дека е возможно да стане реално. Целта е да се разбуди мислата кај децата дека сѐ е возможно. Оптимизмот. Дека не постојат граници доколку некој навистина сака нешто. И дека ако нивната желба е искрена, силна, ќе им се оствари. Да ја победат несигурноста, да се трудат да бидат похрабри и, секако, да се разбудат нивната креативност и индивидуалност, единственост, која бездруго ја имаат, само им треба едно „волшебно стапче“. Тоа е многу важно за убав живот.
Како дојдовте до изборот токму на овие пет славни имиња од музичката историја?
– Засега се испечатени две. „Магичната флејта на Вулфи“ ќе биде промовирана исто така во „Литература“ во „Дајмонд мол“ и повторно со претстава, на 27 февруари. Другите би требало да се реализираат брзо, а сите заедно во пакет ќе го носат насловот „Музичка кутија“. Не случајно ги избрав Бетовен, Бах, Моцарт, Чајковски и Верди, затоа што нивната музика ме враќа во некои убави минати мигови, а наедно ме поттикнува да не застанам овде. Препорачувам – не напуштајте ја детската имагинација, таа е еликсир за виталност, младост, за љубов!
Зошто им е потребна на децата литература од ваков тип?
– Неопходна им е како вода, заради сето ова што го кажав погоре. Особено во времево што го живееме, време на какофонија од информации, слики, звуци. На децата им треба мир. Да бидат спокојни и безгрижни, а тоа се постигнува со читање и слушање убави, хармонични звуци. Потоа, кога ќе пораснат, нивен е изборот кон што ќе се насочат, но барем додека се мали немаат потреба да го впиваат грдото на реалноста.
Многу сум задоволна од промоцијата, по која направивме и мини-претстава. Книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ беше преполна, децата беа радосни. Сакам да им се заблагодарам јавно на „Арс ламина“ како издавач, Горан Црвенковски, директор, од кого добив зелено светло да се случи овој, за мене, толку посакуван проект, на уредничките Бранка Бугариска и Бисера Бендевска, и двете прекрасни, мудри и позитивни девојки, на Рената Јосифовска за неверојатно добрите илустрации, кои им дадоа живост на ликовите и на целокупниот амбиент, на Ана и Александра, девојките од маркетинг-секторот, кои одлично ја работат програмата и на фестивалите, на музичките уметници Дијана и Дино Имери, кои беа со мене во реализација на оваа и на претходните претстави и што тоа го прифатија со прекрасна енергија.
Децата се чудо! Нема подобро чувство од тоа кога ќе ги видите радоста во нивните очи и гримасите на изненадување на нивните лица, начинот на кој ве восприемаат. Искрени, невини суштества, кои ви даваат крилја да летате.
За авторката
Тина Иванова (1976, Скопје) е музиколог, новинарка во областа на културата, уредничка и авторка. Дипломирала музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Петнаесет години беше дел од културната редакција на „Утрински весник“, од неговото основање во 1999 година, најпрвин како новинарка и музичка критичарка, а од 2007 до 2012 година и како уредничка на културната рубрика. Претходно работеше во Македонското радио, во музичкото радио Канал 103 како музичка соработничка, како и во Македонската информативна агенција.
Од 2014 година е вработена во Македонската филхармонија како продуцентка и музиколог, а во периодот од 2020 до 2023 година ја извршуваше функцијата директор. Иванова има објавено голем број текстови, рецензии и интервјуа во македонски списанија за култура.
Авторка е на публицистичката книга „Документ 103“ (2011), посветена на музичкото радио Канал 103, за која во 2012 година ја доби државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. Добитничка е и на наградата „Урбан“ за промовирање на урбаната култура. Авторка е на романите „Кругови“ („Или-или“, 2013) и „Сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ (самиздат, 2024). Авторка е и на книгата раскази „Danse macabre“ („Темплум“, 2025), како и на пет книги за деца под еден наслов „Музичка кутија“ („Арс ламина“).
Нејзин е и монографскиот труд „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“, за кој ја доби наградата „Панче Пешев“ од Сојузот на композиторите на Македонија. Се јавува како коавторка на монографијата „70 години Македонска филхармонија“, како и на електронската книга „Седум мали портрети на седум големи композито ри“ (2015).Покрај научната и публицистичката работа, активно пишува поезија, раскази, текстови за песни и сценарија за детски концерти и е вклучена во креирањето и селекцијата на музички програми и културни проекти, како во рамките на Филхармонијата така и надвор од неа.


































