Објавена првата дигитална фолк-приказна за деца
Во просториите на детската градинка „Росица“, во објектот „Пампурче“, во општината Ѓорче Петров, Скопје, неодамна беше промовирана првата дигитална фолк-приказна за деца, насловена „Мостот што пее“.
Во книгата приказната ја раскажува новинарката Марија Георгиевска, а аудиозаписот го направи познатата музичка уметница и мултиинструменталистка Бајса Арифовска.
Во создавањето на ова издание учествуваа основните училишта од општината, каде што учениците заедно со своите ментори – наставници по македонски јазик – твореа фолклорни приказни инспирирани од македонски народни песни.
Приказната „Мост што пее“ раскажува за момче и девојче што ги сакаат народната музика и народните инструменти и кои со љубов пеат и свират, а инспирирана е од творбата „Мост на две срца“ од ученичката Лина Петровска, под менторство на наставничката Тања Крстевска.
Освен на ученичката Петровска и на нејзината менторка, благодарници им беа доделени и на ученичките Ива Георгиевска, Вања Димовска и Јована Симоноска од ООУ „Страшо Пинџур“ и на нивната менторка Розета Дулевска.
Приказната е прва од ваков вид во детското литературно творештво, од областа на народната музика и фолклорно издаваштво. Таа е создадена во рамките на проектот „Детска фолклорна приказна“ на Општина Ѓорче Петров.


































