Новововедениот систем за влез и излез од Европската Унија – ЕЕС, би можел значително да им го наруши летниот одмор на патниците на европските аеродроми, пред сè поради долгите редици и чекања на пасошка контрола. Како што пишува германскиот весник Ханделсблат, особено во текот на јули и август, времето на чекање може да достигне и до четири часа.
На ваквите ризици предупредија Меѓународниот совет на аеродромите (ACI), Здружението на европските авиокомпании (A4E) и Меѓународното здружение на авиокомпаниите (IATA) во заедничко писмо упатено до еврокомесарот за внатрешни работи, Маркус Брунер.
Претседателот на ACI и раководител на аеродромот во Минхен, Јост Ламерс, во изјава за „Ханделсблат“ посочи дека ефектите од примената на ЕЕС веќе се чувствуваат. Според него, повеќе земји пријавиле проблеми поврзани со долги чекања на аеродромите, како и со ИТ-потешкотии.
-Тоа е многу амбициозен проект, а сè уште сме во месеците со низок број на патувања. Летото е пред врата – рече Ламерс.
Системот за влез и излез во шенген-зоната – ЕЕС започна со примена во октомври минатата година и постепено се воведуваше во сите земји членки на ЕУ. Неговата цел е автоматска регистрација на сите државјани од трети земји кои влегуваат во Унијата.
На аеродромите, процесот функционира преку специјални машини – киосци, каде патниците го скенираат својот биометриски пасош, по што системот ги фотографира и зема отпечатоците од прсти, споредувајќи ги со податоците во документот. Според „Ханделсблат“, системот треба целосно да профункционира во сите земји членки до април.
Сепак, одредени држави доцнат со имплементацијата, а како причини се наведуваат технички проблеми и недостиг од човечки ресурси, се посочува во писмото на ACI, A4E и IATA.
Во случаи кога автоматската проверка не функционира, патниците се пренасочуваат кон класичната пасошка контрола, каде поради недоволен број службеници повторно се создаваат долги редици, наведува германскиот дневен весник.
Дополнителен проблем, според „Ханделсблат“, е недоволната примена на мобилната апликација „Ајде да патуваме во Европа“, развиена од Фронтекс. Апликацијата овозможува патниците од трети земји однапред да завршат дел од биометриската контрола и на тој начин да го скратат времето на граничниот премин. Во моментов, оваа можност ја користи само Шведска.
Иако подобрувањето на граничната безбедност е оправдана цел, Ламерс нагласува дека воведувањето на ЕЕС мора да се спроведе побрзо и со поефикасно искористување на дигиталните алатки. Тој смета дека Европската Унија би можела да пристапи пофлексибилно кон примената на системот најдоцна до крајот на октомври, со можност привремено да се откаже од целосно читање на биометриските податоци во периоди со најголем притисок.

































