Фото: Влада

Поранешниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој е осомничен за проневера поврзана со Државна лотарија, веќе е изведен на распит во Обвинителството. Тој утрово беше уапсен на граничниот премин Блаце, по што беше сместен во притворското одделение во Шуто Оризари.

Груби повеќе од една година беше недостапен за органите на прогонот, откако ја напуштил државата преку истиот граничен премин. Тој, заедно со поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, беше осомничен за криминал вреден околу осум милиони евра, поврзан со набавка на ВЛТ-апарати, пренесува МИА.

По него беше распишана меѓународна потерница, а судот му одреди 30-дневен притвор во отсуство.

Како што претходно соопшти поранешниот државен јавен обвинител, истрагата за случајот со Државната лотарија е завршена и се чекала екстрадицијата на Груби за продолжување на постапката.

Според Обвинителството, предметот опфаќа повеќе одлуки и договори за кои постои сомнеж дека ѝ предизвикале значителна финансиска штета на институцијата, проценета на над осум милиони евра, со цел прибавување противправна имотна корист за други лица.