Од ракометното минато (12)

  • Ракометарите на Работнички, како прваци на Македонија, првпат учествуваа на едно екипно државно првенство

Освоеното прво место на републичкото првенство во 1954 година значеше отворен пат за настап на финалните натпревари за државен екипен првак во Загреб. Тоа беше голем испит за Работнички и шанса да се покаже до каде е стигнат квалитетот на малиот ракомет кај нас. Со оглед на тоа што на овој премиерен настап на Работнички немало ниту еден новинар од Македонија, јавноста не можела да биде комплетно информирана за случувањата на првенството. Сепак, од оваа временска дистанца, за што пообјективно да го прикажам првиот настап на Работнички на екипното првенство на поранешната држава, ќе ја пренесам оцената на Славко Матовски напишана во неговата, би рекол историска книга, за почетоците и за развојот на ракометниот спорт во Македонија.
Во групната фаза Работнички одиграл два натпревара, во првиот загубил од Загреб со 5-23, а во вториот остварил победа над Босна со 11-9. Потоа, откако се комплетирале резултатите и од втората група, во натпревар за петтото место Работнички ја победил Свобода од Љубљана со 17-8. Според тоа, конечниот редослед на првенството изгледал вака: Првомајска од Загреб прва, домаќинот Загреб втор, трета Босна од Сараево, четврта Црвена звезда од Белград, петти Работнички и шеста Свобода од Љубљана.

Заморот го стори своето

Сега ќе го цитирам напишаното од Славко Матовски, а посветено на овој прв настап на Работнички на екипните првенства на поранешната држава; „Слаб старт на Работнички на првенството и катастрофален пораз од 18 гола разлика, најголем и единствен на оваа генерација. Бевме слаб противник на расположената и разиграна загрепска екипа, а причината за дебаклот треба да се бара во преморот на играчите од долгото патување. Екипата дотогаш немаше ниту еден тренинг во сала, ниските температури во овој месец од годината во Скопје и замрзнатите терени во Градскиот парк не овозможуваа нормално ракување со топката и спроведување на тренинзите. Јас како тренер се обидував со други средства да ги спроведам тренинзите, но со такви импровизации тие не беа целосни. Од друга страна, заморот од патувањето беше евидентен. Сместени во купеата од 4. класа, играчите можеа само малку да задремат на долгиот пат со воз до Загреб. Кон ова треба да се додаде и малодушноста на играчкиот состав на нашиот тим, кој во нови услови, затворен објект во загрепскиот саем, и силен противник, немаше сили да се спротивстави. Веќе во вториот натпревар состојбата во екипата беше изменета, малодушноста во најголем дел надмината. Против првакот на БиХ заигравме добро и бевме рамноправен противник, за што зборува и резултатот. Следејќи ги другите натпревари и споредувајќи се себеси со нивниот квалитет, играчите оценија дека имаат слични вредности. Тоа и го покажаа на последниот натпревар, во една солидна игра бевме убедливо подобри од словенечкиот првак. Постигнатиот победа со девет гола разлика, беше извесна сатисфакција за лошата игра во првиот натпревар на ова првенство. Очигледно имавме мошне променливи игри, а тоа неретко ни се случуваше на значајните натпревари. Сепак, освоеното петто место не беше неуспех. Инаку, на првото учество на првенствата за екипен првак, боите на Работнички ги бранеа: Тошо Тодоровски и Боце Калајџиев, голмани, Никола Цветковски, Радомир Ѓуковиќ, Етем Омерагиќ, Панче Николов, Драган Геровски, Зафир Куновски, Душко Ивановски, Љупчо Богдановски и Славко Матовски“.

Одземена шанса на Геровски за ново докажување

Во исто време кога Работнички веќе не беше анонимен ракометен клуб во поранешната држава, се случи еден настан што значеше големо разочарување за еден од нашите најдобри играчи како во голем, така и во мал ракомет, Драган Геровски-Дале. Токму кога го правеше својот пробив кон југословенската елита, во клубот стигна покана од РСЈ, со која најдобриот наш играч Геровски беше повикан да настапи за репрезентацијата во голем ракомет на гостувањето во З. Германија. Меѓутоа, не можејќи да ја оценат ситуацијата и заборавајќи што би значело тоа Македонија повторно да има југословенски репрезентативец, што во тоа време претставуваше голема чест, Управата на Работнички не му дозволи на својот играч да замине и да ја исполни репрезентативната обврска. Поаѓајќи од клупските интереси, се заборавило на она што има приоритет, а тоа беше настап за државната репрезентација. Но, ете, поради тесноградост, не можејќи правилно да ја оценат ситуацијата, Драган Геровски-Дале немаше нова можност за докажување на меѓународната сцена. Потоа, каењето на оние што го оневозможија тоа не беше никакво оправдување за тоа што не му беше дадена виза да ѝ се приклучи на југословенската репрезентација.
Токму за значењето и честа да се бранат боите на државната репрезентација, Славко Матовски, чие мислење со оглед на неговата спортска величина треба да се цени, напиша: „На Дале Геровски му беше одземена можност да го облече државниот дрес, што се сметаше за едно од највисоките спортски достигнувања“. И навистина беше така, зашто да се избориш за место во најдобрата репрезентација, во кој било спорт, во една земја со околу 20 милиони жители, навистина беше тешко. Требаше спортистот да располага навистина со врвни квалитети за да го облече дресот со државниот грб.

Брз напредок на малиот ракомет

Малиот ракомет во почетокот од 50-тите години од минатиот век, веќе напишав и во претходните текстови од овој ракометен серијал, сѐ повеќе ги освојуваше срцата на младите. Сето тоа резултира со многу активности (организирање меѓуучилишни и меѓуклупски натпревари). Како резултат на таа голема активност, се роди идејата во Скопје да се организира градско првенство. На тој начин би се збогатила програмата на натпревари на клубовите, што од друга страна би значело привлекување и нови вљубеници во овој спорт. Поаѓајќи од оваа констатација, дека сѐ што ќе се организира ќе биде од корист за ракометот, не се чекало многу и веќе во 1954 година во Скопје се одржало првото градско првенство во мал ракомет.
На ова премиерно првенство, кое ги имало своите почетоци пролетта во 1954 година, учествувале 12 екипи, меѓу кои со најдолг ракометен стаж беа Работнички и Партизан 1. Натпреварите се играле на два терена, едниот во Соколана, всушност Партизан 1, а вториот во дворот на женската гимназија „Јосип Броз-Тито“. На ова прво градско првенство Работнички не дозволил никакво изненадување и супериорно, без пораз во полуфиналната, како и во финалната група, го освоил првото место. Во конечниот пласман, веднаш зад Работнички се пласирала екипата на Партизан 1, пред Партизан 7 и СФШ (Средена фискултурна школа).
Со организирањето на градското ракометно првенство на Скопје всушност се збогатил целокупниот спортски амбиент во градот. Нема сомнение оти вакви турнири биле многу корисни и за анимирање на младата популација, која во недостиг од други форми на разонода, своите дневни активности ги базирала токму на спортот, во конкретниот случај ракометот, кој земал сѐ поголем замав.
За да не се остане само на организација на градското првенство на Скопје, истата година на турнирски начин било одржано и републичкото првенство. И во оваа конкуренција, според очекувањата и квалитетот на играчите со кои располагал, Работнички повторно бил на првата позиција. Зад него се пласирале екипите на Тиквеш од Кавадарци, ДТВ Партизан 1 и ДТВ Партизан 7, двете од Скопје.
Според пропозициите на РСЈ, двете првопласирани екипи на републичкото првенство добиле шанса да играат и на екипниот шампионат на поранешна Југославија.
Работнички настапил во Сараево, каде што одиграл две средби. Во првата, со пристрасно судење на белградскиот арбитар Тишма, домашната Млада Босна дошла до победа со 18-11, а во вториот меч Работнички го совладал Железничар од Нови Сад со 13-11 и ја освоил втората позиција. Млада Босна била прва во оваа група – Работнички втор, а Железничар трет.
Тиквеш, пак, требало да игра во групата во својот град. Но, овде поради некое недоразбирање во преписката помеѓу РСЈ и РК Првомајска, загрепчаните не допатувале во Кавадарци, па така се одиграл само еден меч во кој Црвена звезда го совладала Тиквеш со 30-13.
Во финалната средба одиграна во Белград, Црвена звезда ја освоила титулата државен првак по победата на дуелот со Млада Босна.
Сето ова што го напишав за ракометот всушност покажува како тој спорт се развиваше на нашите простори и како големиот ракомет, кој беше претходница на малиот, иако уште се бореше за својот статус, сепак, го губеше тлото. Западногерманците беа тие што го одржуваа големиот ракомет и жестоко се бореа тој да опстане во меѓународниот спортски календар. Но, колку и да беше голема нивната желба да го спасат овој спорт, пред налетот на новото време тој опстанок едноставно беше невозможен.