Сто години традиција
Машката обредна поворка „Прилепски мечкари“ е заштитено нематеријално културно добро, наследство што е од особено значење не само за Прилеп туку и за државата. Затоа од 2019 година е донесена одлуката за прогласување за нематеријално културно добро. Годинава, кога по 25. пат ќе се одржи карневалот „Прочка“, од 20 до 23 февруари (од петок до недела), ќе се одбележи 100-годишнината од појавата на мечкарите, бидејќи валоризацијата и ставањето под заштита на обичајот сe од големо значење не само за локалната заедница туку и во национални рамки.
– Зачуваноста на ова добро денес се манифестира во изведбата како организирана форма, која е прецизно врзана за празникот Прочка, но е и суштински дел на Прилепскиот карневал со утилитарна функција. Со тоа, поворката на мечкарите, освен етнографски, добива и други значења (социјални, културни, туристички), кои се надвор од изворното – вели Снежана Ристеска, советничка за култура во Општина Прилеп.
Прилепските мечкари како игра се раритет, која во себе обединува зимска машка поворка со маски – кожи, која е поврзана со празнувањето на празникот Велики поклади или Прочка.
По своите карактеристики, поворката се издвојува од други слични зимски поворки со маски спорeд нејзините изведувачи, кои припаѓаат на еснафот на касапите. Учесниците, освен маски, употребуваат и обредни реквизити (стапови, ѕвона, торби со пепел), а се придружени со зурли и тапани. Автентичноста на мечкарите се огледува во тоа што е карактеристична само за Прилеп. Потеклото е подалечно, датира од архаичниот, односно претхристијанскиот период. Мечкарите само за Прочка ги прават обичаите, а интересно е што секоја година има подмладок во групата. Утрото цела група се маскира, па се оди по домовите на касапите, се бара прошка, а потоа организирано се оди на карневалот.
Дваесет и пет години карневал Прочка
Годинава, освен сто години од „Прилепските мечкари“, ќе се одбележат и 25 години од започнувањето на карневалот „Прочка“. Активностите започнуваат на 20 февруари, петок, со изложба на сурати изработени од ученици од основните и од средните училишта, за повторно по повеќе години да се врати и детскиот карневал, кој ќе се одржи в сабота, на 21 февруари, од 12 часот, на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“.
Централен настан е дефилето на маски в недела, 22 февруари, на кое ќе се претстават групни и поединечни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, гости од странство и претставници на ФЕК. Покрај дефилето, ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овој празник. Почетокот на дефилето е во 13 часот.

Општина Прилеп има донесено одлука за продолжување на работното време на сите кафетерии и ресторани, така што забавата во вечерните часови ќе може да потрае на задоволство на сите граѓани, затоа што имаат своја предвидена програма, со настапи на диџеи и бендови во живо, како за денска така и за вечерна забава. Карневалските случувања се завршуваат в понеделник, со традиционален заеднички ручек на здружението „Прилепски мечкари“ во манастирот „Св. Ѓоргија“.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упатувајќи покана за присуство на карневалот „Прочка“, потенцира дека тој е бренд на Прилеп и со него се поврзува традицијата, а градот е сцена на радост, боја и енергија.
Прочка – празник на простувањето
Карневалот „Прочка“ е ден за релаксација, забава, со многу шега и хумор. На овој ден сѐ е превртено наопаку. Инаку, манифестацијата се одржува секогаш на празникот Велики поклади, ден пред почетокот на велигденските пости.
– Христијанската скарма за овие обичаи е резултат на вековната пракса од времето на воспоставувањето на христијанството кога деновите од паганскиот годишен календарски циклус се врзуваат за некои христијански светци или периоди од христијанскиот календар со цел тие обичаи да се христијанизираат. Некои истражувачи го поврзуваат потеклото на обичаите со дионизиските свечености практикувани и изведувани во антиката, а пак античките игри се надоврзуваат и ги влечат корените од времето на обожавањето на природата, животните и небесните тела како божества, односно магиските обреди за плодност. Раскалашените однесувања на учесниците од маскирните поворки, движењата, удирањето со стапови, носењето торби се елементи за плодноста – велат етнолозите, кои потенцираат дека во современието ликовите на маскираните се резултат од настаните што се случуваат во секојдневието.
Инаку, вечерта, според традицијата, помладите одат кај повозрасните и бараат прошка. Така ќе биде и годинава на јубилејниот 25. карневал „Прочка“.

































