Анализа: Осумнаесет години „независно“ Косово

  • Дали 18 години по (не)зависно Косово светот повеќе е насочен кон правото или кон употребата на сила? Дали либералниот интервенционизам создаде „стабилност“ или создаде преседани што ја еродираат меѓународната архитектура?
  • Во еден ваков контекст на дилеми, што би било важно за Македонија? Како малите држави да балансираат меѓу геополитичките центри на моќ без да го загубат сопствениот суверенитет? А овие дилеми не се само историски осврт. Тие се суштинско прашање за иднината на Македонија, но и за позицијата на малите народи во светот во кој односот меѓу правото и силата повторно станува централна оска на глобалната политика

Осумнаесет години по „прогласувањето на независноста на Косово“, прашањето за неговата државност останува не само регионално туку и глобално правно и геополитичко прашање. Косово произлезе од Србија, чиј интегрален дел беше според уставноправниот поредок на тогашната држава и според Обединетите нации.
Клучната правна рамка е Резолуцијата 1244, усвоена по интервенцијата на НАТО во 1999 година. Таа резолуција ја потврди територијалната целовитост на тогашната Сојузна Република Југославија, но истовремено воспостави меѓународна администрација во Косово. Оттука произлегува суштинската дилема: дали едностраното прогласување независност беше во согласност со духот и буквата на 1244 или претставуваше политички акт што ја надмина правната рамка? Прашањето е повеќе реторичко, затоа што одговорот е повеќе од јасен.

Улогата на Клинтон и концептот на „хуманитарна интервенција“

Интервенцијата во 1999 година се случи во време кога претседател на Соединетите Американски Држави беше Бил Клинтон. Неговата администрација ја афирмираше либералната доктрината во форма на таканаречена „хуманитарна интервенција“ – концепт, според кој, меѓународната заедница има право (и обврска) да интервенира кога постојат сериозни кршења на човековите права. Но од оваа историска дистанца и документите и сведоштвата што постојано излегуваат на виделина, „кршењето на правата“ беше класична фингерајка на западните безбедносни служби.
Интервенцијата на НАТО беше изведена без експлицитен мандат од Советот за безбедност, а со тоа се отвори опасен преседан: силата како аргумент да стане повисок принцип од меѓународното право! Според ова гледиште, токму тој преседан го релативизираше принципот на суверенитет и создаде простор за идни унилатерални интервенции низ светот.

(Нео)либерализмот, ширењето на НАТО и новата геополитика низ примерот
на Косово

Периодот по Студената војна беше обележан со ширење на НАТО кон исток и со силна проекција на западниот либерален модел како универзален политички и вредносен шаблон. За поддржувачите, тоа беше „процес на демократизација и стабилизација на Источна Европа“. За суверенистите, тоа беше сосема нешто спротивно, односно „стратегија на геополитичко опкружување и наметнување унилатерална хегемонија“!
Осумнаесет години подоцна, Косово сè уште се соочува со сериозни институционални и економски предизвици. Ниското ниво на странски инвестиции, нерешените односи со Србија, ограниченото меѓународно признавање и тешките проблеми со корупцијата и организираниот криминал придонесуваат за перцепцијата дека станува збор за дисфункционален ентитет.
Либералните аналитичари постојано бомбардираат со аргументи дека косовските институции континуирано се билдаат од западните помагатели и дека стабилноста, иако ранлива, е далеку од сценаријата на отворен конфликт од крајот на 1990-тите. Сепак, не само косовската туку и регионалната безбедност денес е во голема мера зависна од присуството на меѓународни мисии и од дијалогот Белград–Приштина. Македонија, која се граничи на север и со Косово и со Србија, најмногу го почувствува тоа, па затоа темата за Косово е екстрасензитивна за Македонија, и тоа цели 18 години. Р.С.


Косово како преседан: кога силата стана повисока од правото

Годината кога меѓународното право беше суспендирано

Прогласувањето на независноста на Косово не беше изолиран историски чин, туку финален акт на процес започнат со бомбардирањето на Србија од страна на НАТО во 1999 година. Таа интервенција, спроведена без експлицитен мандат од Советот за безбедност, го отвори прашањето што и денес одекнува: ако најмоќниот воено-политички сојуз може да ја заобиколи правната рамка, тогаш што останува од меѓународниот поредок?
Резолуцијата 1244 на Обединетите нации јасно ја потврдуваше територијалната целовитост на тогашната држава. Сепак, само неколку години подоцна, политичката волја на Западот ја надмина правната конструкција. Преседанот беше воспоставен: кога геополитичкиот интерес е доволно силен, правото станува флексибилна категорија.

Клинтоновата доктрина: агресија во обландана хуманитаризам

Во времето на интервенцијата, претседател на Соединетите Американски Држави беше Бил Клинтон. Неговата администрација ја промовираше идејата дека во име на човековите права може да се суспендира класичниот принцип на суверенитет. Така се роди новиот модел „хуманитарна интервенција“ како легитимација за воена акција.
Но зад моралната реторика стоеше и стратегиска реалност – ширење на влијанието, редефинирање на безбедносната архитектура на Балканот и демонстрација на моќ во постстуденовојниот свет. Косово стана лабораторија на новиот либерален интервенционизам.

Од владеење на мнозинство до „владеење на малцинства“

Либералната парадигма што се наметнуваше во регионот ја редефинираше демократијата. Наместо класичниот принцип на владеење на мнозинството во рамките на суверена држава, во фокусот се стави концептот на „заштита на малцинства“ како повисока вредност од уставниот поредок.
Кога овој принцип ќе се примени селективно, тој станува политичка алатка. Косово беше оправдано со правото на самоопределување. Но истото право ретко добива поддршка кога не се совпаѓа со интересите на големите сили. Така, меѓународното право се претвори во инструмент, а не во норма.

Држава под протекторат и извор на нестабилност

Осумнаесет години подоцна, Косово останува држава со ограничен суверенитет, зависна од странско воено и политичко присуство. Институционалната слабост, високото ниво на корупција и организиран криминал и постојаната тензија со Србија ја одржуваат перцепцијата на трајна нестабилност.
Наместо пример за успешна либерална трансформација, Косово често се посочува како доказ дека насилната геополитичка интервенција создава долгорочни замрзнати конфликти. Балканот не доби трајна стабилност – доби управувана кревкост.

Македонија меѓу притисокот и суверенизмот

За Македонија, она што се случи со Косово не е академска дебата. Косовскиот феномен длабоко ја засегна Македонија и ѝ наштети по многу параметри: од бегалската криза, преку зголемениот криминал, па сѐ до тежок безбедносен проблем и агресија врз Македонија. Проблемите се нижеа во низа, па феноменот „Косово“ изнедри и изнуди Охридски договор. Потоа, уставните измени станаа вметнат фелер, при што како последица на таквите лабави наши политичко-државнички ставови се изнедрија и идентитетски отстапки и условувања однадвор, кои се доживуваат како продолжение на истиот концепт: геополитички интерес спакуван во либерална реторика.
Критиката кон бриселските политики и кон пристапот на Европската комисија произлегува токму од стравот дека идентитетот и суверенитетот стануваа преговарачка категорија. Малите држави, како Македонија (а во случајот со Косово, и Србија), историски се изложени на стравотни влијанија, уцени, ултиматуми и слично. Така и овој пат, малите држави одново и повторно се наоѓаат во позиција да балансираат меѓу центрите на моќ наместо само и само да се почитува меѓународното право. Р.С.