Фото: ЕПА

Прв состанок на Одборот за мир на американскиот претседател Трамп

  • Дали оваа амбициозна иницијатива ќе донесе трајна стабилност во Газа ќе зависи од политичката волја на сите засегнати актери, безбедносните гаранции и од реализацијата на ветените средства

На првиот голем состанок на Одборот за мир, иницијатива поддржана од американскиот претседател Доналд Трамп, во Вашингтон беше претставена сеопфатна рамка за поствоено управување, безбедност и за обнова на Газа.
Пред претставници на повеќе од 40 држави и на Европската Унија, Трамп соопшти дека девет земји ветиле околу седум милијарди долари за реконструкција, додека САД ќе обезбедат дополнителни 10 милијарди долари.
– Секој потрошен долар е инвестиција во стабилноста и надежта за воспоставување нова и хармонична област – изјави Трамп, додавајќи дека станува збор за „голем ден за мирот“.

Обновата на Газа бара огромни средства

Иако ветените средства се значајни, процените говорат дека за целосна обнова на Газа ќе бидат потребни околу 70 милијарди долари, по двегодишната војна и масовните разурнувања.
Рамката предвидува формирање нов административен механизам што ќе ја надгледува транзицијата кон цивилно управување по завршувањето на конфликтот.
Клучен елемент се демилитаризација и создавање нови безбедносни и полициски структури, со цел да се спречи повторно зајакнување на милитантните групи, вклучително и Хамас.
Трамп изјави дека очекува Хамас да го предаде оружјето.
– Војната во Газа е завршена, иако има уште мали пламени. Хамас ќе го предаде оружјето. Ако не го стори тоа, ќе се соочи со многу силен одговор – рече тој.
Во рамките на безбедносниот сегмент е најавено формирање Меѓународни сили за стабилизација (ИСФ), кои ќе започнат со распоредување во Рафа, во јужниот дел на Газа.
Командантот на ИСФ, генерал-мајор Џаспер Џеферс, изјави дека првите пет земји веќе потврдиле учество со војници – Индонезија, Мароко, Казахстан, Косово и Албанија.
Египет и Јордан се обврзаа да помогнат во обука на полицијата.
Долгорочниот план предвидува распоредување 20.000 војници и обука на 12.000 палестински полицајци.
Засега, Индонезија официјално најави дека е подготвена да испрати свои трупи.
Одборот за мир, кој првично беше замислен како помала група лидери, е проширен и сега вклучува повеќе од 60 држави.
Меѓу членките се Аргентина, Бугарија, Унгарија, Израел, Турција, Катар, Саудиска Арабија и Пакистан.
Покрај реконструкцијата, одборот има амбиција да воспостави нов модел на управување и долгорочна стабилизација.
– Ова не е само за инфраструктура туку за создавање модел што ќе обезбеди мир за идните генерации – истакна висок функционер на одборот.

Одборот за мир не е замена за Обединетите нации

Дел од меѓународната јавност изрази загриженост дека станува збор за обид за создавање паралелна структура на Обединетите нации. Трамп, сепак, порача дека одборот ќе ги „надгледува ОН до одреден степен“ за да се осигури дека „работат правилно“. Тој додаде дека ОН имаат „огромен потенцијал“ и дека САД ќе помогнат финансиски за нивна одржливост.
Белата куќа ги отфрли критиките, нагласувајќи дека станува збор за легитимна иницијатива со широка меѓународна поддршка.
Во фокусот остануваат разоружувањето на Хамас, повлекувањето на израелските трупи, управувањето со фондот за обнова и обезбедувањето хуманитарна помош. Договорот за примирје постигнат во октомври минатата година се оценува како кревок. Успехот на одборот ќе зависи од подготвеноста на сите страни да продолжат со дипломатскиот процес.
Состанокот заврши со најава за изработка на детална временска рамка за имплементација и дополнителни консултации со регионалните партнери. Одборот за мир, според визијата на Трамп, во иднина би можел да игра поширока улога и во решавањето на други глобални конфликти.
Сепак, дали оваа амбициозна иницијатива ќе донесе трајна стабилност во Газа ќе зависи од реализацијата на ветените средства, безбедносните гаранции и од политичката волја на сите засегнати актери. С.Т.


Улоги и специфики на дел од членките на Одборот за мир

Во рамките на новоформираниот Одбор за мир, поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, јасно се профилираат улогите на клучните држави членки во процесот на поствоена стабилизација на Газа.
Главен носител на иницијативата се САД, кои обезбедуваат 10 милијарди долари и ја поставуваат стратегиската рамка за транзициско управување, безбедност и реконструкција. Вашингтон ја презема и координацијата на меѓународните партнери, со амбиција одборот да има влијание врз пошироката глобална архитектура за управување со кризи.
Во безбедносниот сегмент, централна улога имаат земјите што најавија учество во Меѓународните сили за стабилизација (ИСФ). Индонезија прва официјално потврди испраќање војници, што се толкува и како важен сигнал од најголемата муслиманска држава во светот. Покрај неа, свои контингенти најавија и Албанија, Косово, Мароко и Казахстан. Нивната задача ќе биде обезбедување клучни зони, поддршка на јавниот ред и создавање услови за постепена демилитаризација.
Регионалната димензија ја носат Египет и Јордан, кои ќе се фокусираат на обука на нови палестински полициски сили и институционално јакнење на цивилната администрација.
Во политичко-безбедносната равенка, клучен фактор останува Израел, кој инсистира на целосно разоружување на Хамас како предуслов за трајна стабилизација.
Од друга страна, финансиска и дипломатска тежина се очекува од Катар и Саудиска Арабија, кои би можеле да придонесат во фондот за реконструкција и во посредувањето меѓу палестинските актери.
Турција, пак, се позиционира како потенцијален политички балансер, со внимателен пристап кон безбедносниот формат и можност за посредничка улога.
Според најавите, долгорочниот план предвидува распоредување до 20.000 војници и обука на околу 12.000 полицајци, што треба да создаде одржлива безбедносна структура.
Ваквата распределба на улоги покажува дека Одборот за мир се обидува да комбинира финансиска обнова, воена стабилизација и институционално градење во единствен механизам, чиј успех ќе зависи од координацијата меѓу меѓународните и регионалните актери. С.Т.