Фото: Горан Анастасовски

Интервју со Лидија Раичевиќ, кандидатка за јавен обвинител

  • Лидија Раичевиќ важи за кандидатка со долгогодишно обвинителско искуство и професионален континуитет. Во ова интервју разговараме за нејзината визија, приоритетите и за чекорите што би ги презела за зацврстување на владеењето на правото и за враќање на довербата кај граѓаните

По позитивното мислење од Судскиот совет за четворица од вкупно петтемина кандидати за нов јавен обвинител, во фокусот на јавноста се најде и обвинителката Лидија Раичевиќ. Во период кога довербата во правосудството останува едно од клучните општествени прашања, изборот на првиот човек на Обвинителството се гледа како тест за зрелоста на институциите. Раичевиќ важи за кандидатка со долгогодишно обвинителско искуство и професионален континуитет. Во ова интервју разговараме за нејзината визија, приоритетите и за чекорите што би ги презела за зацврстување на владеењето на правото и за враќање на довербата кај граѓаните.

Судскиот совет Ви даде позитивно мислење како една од четворицата кандидати. Како ја доживувате оваа поддршка и што говори таа за Вашиот досегашен професионален интегритет и резултати?

– Судскиот совет на последната седница даде позитивно мислење за четворица кандидати од кои само јас добив девет гласа, додека другите по десет. На прашањето зошто ми дадоа позитивно мислење и како гледам на тоа, сметам дека одговорот лежи во мојот профил и лик на јавен обвинител. Јас лично сум убедена дека требаше да добијам позитивно мислење и на минатиот избор, како што го добив сега. Тоа не е мое волунтаристичко мислење, туку е резултат на моето долгогодишно искуство, на вложениот труд за дополнително образование, јас сум доктор на правни науки, а ниту еден од кандидатите нема такво образование, бројот на обработени предмети, вештини и способности што ги имам стекнато во јавно-обвинителската работа. Сметам дека сегашниот Совет, во овој состав, согледал дека ова се квалитети на кои треба да им се даде позитивно мислење и благодарна сум за тоа.

Велите дека за сите други кандидати позитивното мислење било едногласно, додека за Вас еден бил против. Зошто еден член на Судскиот совет не Ви даде доверба?

– Во истиот овој Совет, еден од членовите не ми даде позитивно мислење и позитивен глас и нему сум му особено благодарна, затоа што мислење дадено на база на глас на член на Советот кај кого постои одлука за разрешување поради нестручност и несовесност, а тоа е тој кандидат што даде негативно мислење, не може да му даде кредибилитет на мислењето во севкупност. И секој оној што добил глас од ваков член на Советот, неговото мислење се доведува во прашање. Јас навистина му благодарам на тој член што гласаше негативно, образложението било поради конзистентност, но со тоа што го немам овој глас се покажува дека моето позитивно мислење е објективно и стручно согледано од овој состав на Советот на јавни обвинители.

Во период кога довербата во правосудството е клучно прашање за македонската јавност, кои конкретни чекори би ги презеле како јавен обвинител за да ги зацврстите транспарентноста и отчетноста на Обвинителството?

– И во самиот овој процес за избор на нов државен јавен обвинител, јас се обидувам да покажам дека Обвинителството може да биде транспарентно и може да биде отчетно. Отворена сум за медиумите, без оглед што тоа е дополнителен напор, одвојување посебно време, подготовка и висок степен на концентрација за она што ќе го говорите. Знам дека е тешко за обвинителите да го прават тоа, но, ете, тоа е првиот чекор. Секој оној што нема да се појави пред новинарите, кој нема да даде свое мислење за кое било правно прашање или прашање поврзано со овој избор, мислам дека придонесува за нетранспарентен и неотчетен процес. Што се однесува за самата работа на Јавното обвинителство, за тоа постои Одделение за односи со јавноста, кое, за жал, многу формализирано ја известуваше јавноста за одредени предмети. Мојата заложба ќе биде секој јавен обвинител, секој вршител на должност, без оглед дали се наоѓа на подрачјето на Скопје или во внатрешноста, за предмети што имаат поголемо значење и за кои е заинтересирана јавноста, да мора да се појави пред новинарите и да даде елементарни податоци, кои ќе укажат на следните моменти: како работи обвинителот, како тече постапката, како се заштитени оштетениот и жртвата, па на тој начин ќе ја зголемиме и довербата.

Фото: Горан Анастасовски

Кои се Вашите приоритети во борбата против високата корупција и организираниот криминал и како планирате да обезбедите институционална независност во постапувањето по чувствителни предмети?

– Сега живееме во момент кога работиме, се однесуваме, па дури и мислиме на база на стекнати навики. Станува општоприфатена навика дека сè овде не може да се открие, дека секој е корумпиран, дека секој што има каква било допирна точка со моќник не може да одговара или тие ќе имаат одредено влијание на одреден процес, дека јавниот обвинител не може да работи самостојно додека некој не му каже како треба да ја сработи работата и тоа се навики. Моето учество во овој процес, а јас препознавам и други чекори што се преземаат на институционално ниво, ќе покаже дека овие навики ќе се разбијат. Ќе се разбијат затоа што ако во оние земји што ни се блиски во регионот се прават засилени и брзи чекори за влез во Европската Унија, како пример ќе ја посочам Црна Гора каде што неодамна актуелен министер за образование беше ставен во притвор поради донесени решенија за откази, значи дека и ние можеме да го правиме тоа, но сето тоа да биде поткрепено со докази што ќе потврдат таков тип криминал. Да одиме и пошироко, еве во Велика Британија висок функционер беше притворен поради аферата „Епштајн“. Значи, високата државна функција во одредени државни тела, во други видови власти, не смее да биде ограничување или бариера за која јавниот обвинител ќе праша дали може да поведе постапка или не, едноставно ќе мора да гони.

Каква визија имате за модернизација на Јавното обвинителство – во делот на дигитализација, кадровска политика и стручна едукација на обвинителите?

– Што се однесува до модернизацијата и следењето на процесите што се однесуваат на дигитализацијата и на современите начини на општење, како и комуникациите што го забрзуваат и го скратуваат времето во постапките и чекорите, јас немам амбиција да покажам сопствено познавање на таа сфера, без оглед што имаме обвинители што сакаат да бидат и добри информатичари, ИТ-експерти, програмери, ВИ и слично. Тоа не е мојот стил, но затоа сигурно е дека ќе се потрудам во рамките на моите познавања да го овозможам тој процес, доколку е полесен и полезен, тоа да го направат стручни луѓе. Моја импровизација во тој дел да не се очекува, а сè што ќе биде корисно за Обвинителството ќе биде применето. Но како јас мислам да го модернизирам работењето во Обвинителството? Се разбира, нам тие електронски алатки ни се корисни, да добиеме податоци, но ако не знаете да ги користите, ако не сте модерен профил на обвинител што знае што бара, вие може да соберете не знам какви електронски податоци од светот и да оформите некакво досие што ќе го фати прашина или ќе остане неотворено доколку тој што треба да работи на него ги нема вештините и познавањата за обвинителската струка. Тие вештини и познавања треба да се стекнуваат во Академијата за судии и обвинители и тука партиципирам да дадам свој прилог колку што можам, но и покрај тоа што знам дека постои ментална бариера дека сите примаат исти плати, ќе мора да се создаде процес на професионално воспитување во самата институција. Секој оној што ќе пристапи и ќе сака да работи во Обвинителството ќе мора да го прифати и да му објасни каде дошол тој затоа што има односи и процеси што никаде не се запишани. Тој треба да знае точно во која институција стапува на должност и не може самоволно и несинхронизирано да се однесува со нашите постапки. Тој процес бара посебен напор. Не знам дали ќе има доволно обвинители што ќе сакаат да се вклучат во овој процес, но јас сигурно ќе упатувам пораки и ќе ги воспитувам професионално кандидатите што ќе дојдат за да ја сфатат сериозноста на институцијата. Доколку не се кадарни да изградат однос кон оваа институција, тоа значи точно да знаат кои се нејзините правила, кој е степенот на тајност, како треба да се однесуваат надвор кога ќе излезат од работа, на каков начин треба да развиваат односи со своите колеги, како треба да реферираат, како треба да се однесуваат со полицијата, со другите институции, каков треба да биде односот кон оштетените, кон жртвите, кои се европските конвенции што нè обврзуваат на одреден тип однесување, тие обвинители не ќе можат да ја извршуваат оваа функција.

Дел од јавноста смета дека институцијата Јавен обвинител со години функционира под силни политички и центри на моќ влијанија. Како конкретно ќе гарантирате дека во Ваш мандат нема да има селективна правда и дека ќе постапувате неселективно, без оглед на политичката или економската тежина на осомничените?

– Секој вид гаранција во вршењето на оваа работа во оваа фаза би се свел на ветување, кое доколку не го испорачате, јавноста ќе ве повика на одговорност. Тоа не е доволно, а не е доволно затоа што во оваа фаза можете да ветите сè и сешто, но тие што ве избираат, притоа мислам на сите сегменти, како на Советот, Владата, Собранието, треба да препознаат според објективни критериуми кој може да гони висока корупција и врз основа на кој капацитет. Јас прашувам, како ќе се препознае тој лик на обвинител? Кои се тие објективни критериуми за вие кога ќе видите еден обвинител да знаете овој може да гони или не. Пред сè, тој не смее да има дамка во својот живот и во своето професионално портфолио. Тој никогаш не треба да се нашол во искушение да прими пари од каков било моќник, за каква било услуга или потреба затоа што веќе дел од својата професионална слобода ја изгубил. Тој обвинител не смее да биде изолиран од општествените текови и случувања, тој мора да има свое видување за општествениот амбиент, да знае која влада каква политика спроведува, но тој не смее да се појавува на шарени револуции, не смее да се појавува на митинзи на политички партии, не смее да агитира и да поддржува политички идеологии, тој не смее да седи, да патува и да се договара со некои моќници, односно не смее да биде некој што е постојано со такви моќници што му ги плаќаат летувањата, гардеробата, храната, му купуваат станови и акции. Тоа е објективен индикатор дека тој јавен обвинител нема да може да ја врши оваа работа. Тоа се гаранциите зад кои стојам јас, ниту една од овие негативни поставки нема да најдете во мојот живот. Имам многу пријатели и познаници, седнувам на кафе и со адвокати, со сведоци, но слободно го правам тоа бидејќи кон никого немам каков било влог. И дури, кога одиме и на семејни прослави, мене ми се случило некој бизнис-моќник да стане и да си замине. Кога би можеле да го видат тоа оние што треба да го видат, ќе знаат дека постојат објективни критериуми што се гаранција дека таа личност ќе работи на тој принцип.

Што би ѝ порачале на јавноста, која очекува поефикасно и правично владеење на правото – на кој начин Вашето раководење би донело нова енергија и враќање на довербата во системот?

– Она што сакам да го порачам пред македонската јавност е дека сакам секој граѓанин во оваа држава да се чувствува сигурно, да се чувствува спокојно, ако имаат деца и ако тие излегуваат навечер, одат во клубови, дека нема да им се случи да настрадаат и да се вратат дома во лоша состојба. Јас сакам да им порачам на граѓаните дека ќе сторам сè што можам во Скопје и низ целата држава да има што помалку дрога, иако постоеше некаков тренд дека тоа било модерен стил на живот. Сакам да им порачам на оние што имаат проблеми со судовите и кои се скептични и им е потребна правна заштита, дека моја порака е дека ќе ја добијат правдата, па дури и ако изгубат, судот аргументирано да ги убеди дека правдата не била на нивна страна. Сакам да живеам во земја во која нема да се употребуваат толку често зборовите „се иселува младината“. Се иселува, а никој не ги истражувал реалните причини, не знае дали е тоа поради криминалот, дали е поради корупцијата, дали е поради несредени економски односи, дали е поради нивна љубопитност, бидејќи лично познавам луѓе што се иселија од земјава, а беа добро ситуирани. Сакам во оваа земја во која живеам да го дадам најдоброто од себе, јавноста да биде со променета свест, да не размислува дека овде ништо не функционира, дека од овде држава не може да се направи, напротив, можеме да ја имаме најубавата и најдобра држава. Јас верувам во тоа и ги убедувам сите, колку и да звучам демагошки, утописки и како било. Мојата верба е таа. Мене ми е дадена можност да се кандидирам за оваа функција, работам како обвинител толку години, во сите можни процеси го пропагирам ова мое чувство бидејќи мислам дека во нејзината содржина се наоѓа доброто, а не неправото и деструктивен процес да се нарушат важни државни процеси. За доброто на државата, јавноста треба да верува и треба да придонесува секој на свој начин во својата работа за да имаме посигурна држава. А работата на јавниот обвинител е доколку некое нивно право од кривичноправен аспект е повредено, да ги заштити на соодветен начин.