Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против 20-годишен жител на Мала Речица, осомничен за кривично дело Тероризам.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот на крајот на јануари годинава преку социјалната апликација „Дискорд“ („Discord“) испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47, позната како Калашников. Во пораката навел и дека има нарушено психичко здравје, а како инспирација го посочил нападот од 14 декември 2012 година во САД, кога 20-годишниот Адам Ланза во училиште уби 26 лица, од кои 20 деца.
По добиена информација од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во земјава, од каде биле упатени заканите, МВР во координација со ОЈО ГОКК презело активности за идентификација на сторителот.
По лоцирањето на корисничката адреса, на 17 февруари 2026 година, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со асистенција на САЕ „Тигар“, извршиле претрес во дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот биле пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум „iPhone“ мобилни телефони и компјутер. Од таткото на осомничениот бил одземен пиштол за кој поседувал дозвола, како и повеќе парчиња муниција.
Дополнително, пиштол и автоматска пушка што дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола биле одземени, а против него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело „Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
– Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена – соопштуваат од Обвинителството.


































