Петте најголеми одбранбени сили во Европа се подготвуваат да објават заеднички план за инвестирање во воени дронови, како дел од пошироките напори за зајакнување на европската одбранбена индустрија. Иницијативата доаѓа во услови на продолжената руска инвазија врз Украина и зголемената загриженост околу долгорочната посветеност на САД кон НАТО, пренесе МИА.
Според документ во кој увид имала агенцијата Ројтерс, како и според извор од полското Министерство за одбрана, петте земји планираат соработка во развојот на автономни беспилотни летала. Искуствата од војната во Украина покажаа дека автономните дронови-пресретнувачи можат да претставуваат ефикасна и поекономична алтернатива на скапите системи за противвоздушна одбрана, што европските сојузници на Киев сакаат да го применат во сопствените капацитети.
Иницијативата ја предводи група од пет европски министри за одбрана, кои утре ќе се сретнат во Краков. Во групата се вклучени државите со највисоки воени трошоци на континентот: Франција, Германија, Италија, Полска и Велика Британија.
Во нацрт-документот, чија содржина сè уште може да претрпи измени, министрите наведуваат дека „поддржуваат реално зголемување на производствениот капацитет на европската одбранбена индустриска база“ и ја поздравуваат посветеноста на Европска Унија да им обезбеди на земјите членки поголема фискална флексибилност за трошење за одбрана, како и создавање нови инструменти за кредитирање.
Истовремено, се нагласува дека улогата на ЕУ е поддржувачка, додека одбранбените капацитети остануваат во национална надлежност. Министрите се обврзуваат и на засилена соработка во рамките на НАТО и ЕУ за справување со руските хибридни закани, како и на продолжување на поддршката за Украина и напорите за постигнување траен мир.
– Се согласивме да започнеме иницијатива за корисни ефектори и автономни платформи (LEAP) – се наведува во документот. Целта на иницијативата е да се зголеми заедничката соработка во развојот и набавката на поволни ефектори и автономни системи со значаен воен ефект.
Во воената терминологија, ефектори се системски компоненти што создаваат директен физички ефект, додека автономните платформи се беспилотни системи способни за самостојно донесување одлуки без директна човечка интервенција.
































