Ќе има ли проширување на дејностите што ќе може да ангажираат работници со Законот за работно ангажирање

  • Претставниците на коморите укажуваат дека придобивките од законот ќе бидат добредојдени, бидејќи се олеснуваат условите за привремено ангажирање работници, но истакнуваат дека има сектори што имаат потреба од сезонски работници, а со овој закон не е овозможено нивно ангажирање

Примената на новиот Закон за работно ангажирање се очекува да ја намали сивата економија, односно непријавената работа на дел од работниците. Но работодавците посочуваат дека потребите од ангажман на работници нема да исчезнат, туку може само да дојдат до израз во други сектори. Претставниците на коморите укажуваат дека придобивките од законот ќе бидат добредојдени, бидејќи се олеснуваат условите за привремено ангажирање работници, но истакнуваат дека има сектори што имаат потреба од сезонски работници, а со овој закон не е овозможено нивно ангажирање.
– Со овој закон се уредуваат условите за работното ангажирање лица за вршење работи од повремена или сезонска природа, правата и обврските на ангажираното лице и работодавецот, постапката на пријавување на ангажираните лица, како и плаќањето и пресметката на данок на личен доход, придонес за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување (член 1). Компаниите, односно работодавците со овој закон имаат олеснителни услови и пристап до поголем број лица што можат да бидат работно ангажирани непосредно од страната работодавецот или со посредство на Агенцијата за вработување од базата на невработени лица, што значи дека работодавецот не треба да објави јавен оглас за потреба од вработување на лица (член 6, став 3 од законот) – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.

Појаснуваат дека конкретно, во секторот земјоделство, делумно во прехранбениот сектор (преработувачка индустрија) и угостителството и туризмот полесно ќе се дојде до сезонски работници. Притоа од СКМ истакнуваат дека со години во многу наврати преку формални документи и аргументирано Стопанската комора укажуваше дека за дел од стопанските гранки е од исклучително значење законско регулирање на сезонската работа за одредена категорија работници, кои може да го премостат недостигот од работна сила во екот на сезоната.
– Во конкретното законско решение се земени предвид конкретно сектори што во дел од своето работење имаат сезонски карактер, односно каде што нема потреба од вработување во текот на целата година, туку само во одредени периоди од годината. Но носењето вакво законско решение иницираше реакција и на компании од други сектори каде што индиректно сезонскиот карактер пример на угостителството и туризмот може да има исто така влијание за поголема побарувачка на работна сила во екот на сезоните. Таков пример е трговијата, која сега не е дел од законот, но доколку се аргументира соодветно и со факти, ќе биде предмет на нови иницијативи за поголем опсег на дејности што би вклучиле ангажирање сезонски работници – потенцираат од комората.

Но на прашањето дали со овие законски измени ќе се намали потребата од работници на домашниот пазар на трудот, претставниците на комората укажуваат дека во одредени сектори, недостигот и понатаму ќе се чувствува.
– Бидејќи со законот се ангажираат работници само во одредени дејности и за одреден временски период од 120 дена до 180 дена, (член 11), а во сектори за земјоделска дејност за вршење работи од сезонска природа најмногу до 60 дена во календарската година, примената на законот не укажува на можност за зголемено намалување на потребата од работници, во одредени сектори повторно ќе се јави недостиг од работна сила – објаснуваат од СКМ.
Потоа додаваат дека законското решение ќе помогне да се намали недостигот од работна сила, поточно тој ќе помогне во одреден сектор и во одреден временски период и ќе ја задоволи потребата од недостиг од работна сила. Но заклучуваат дека со овој закон потребата од квалификуван и стручен кадар во одредени сектори во индустријата ќе остане незадоволена. Е.Р.