Новите поплави оштетија галерија во парискиот „Лувр“, најновиот во низата проблеми што го погодија познатиот музеј, неколку дена откако девет лица беа уапсени во врска со измама со билети од повеќе милиони долари
Крилото „Денон“, во кое се наоѓа обемна колекција на италијански и француски слики, беше погодено од поплавата. Како што потврди музејот за агенцијата ДПА, сликата на таванот од Чарлс Мејние од 1819 година претрпе штета поради дефект на цевките за греење.
На таванот се видливи пукнатини и лупење на боја. Откако беше запрено истекувањето, започна детална процена на штетата на уметничките дела, а погодените простории беа затворени за посетители до понатамошно известување. Ова не е прв ваков инцидент во „Лувр“ во последно време – пред два месеца поплава во библиотеката на египетски антиквитети оштети вредни книги и документи.
Во последните месеци музејот е честа тема во медиумите поради низа скандали и проблеми. Во октомври накит во вредност од 88 милиони евра беше украден во спектакуларна кражба прекуден. Во декември стотици вработени одржаа штрајк протестирајќи против недостигот од персонал, недоволните средства и лошата состојба на самата зграда на музејот.
Последниот инцидент се случи во вторникот, кога девет лица, вклучувајќи туристички водичи и двајца вработени во „Лувр“, беа уапсени под сомнение за организирана измама со билети. Се верува дека шемата траела повеќе од една деценија, а музејот проценува дека предизвиканата штета е повеќе од 10 милиони евра.

































