Македонија стана членка на Европската груминг-асоцијација
- Во време кога темите поврзани со милениците лесно стануваат поле за емоционален популизам, присуството на професионалци како Илија Петковски и структури како ТУТУ покажува дека одговорниот, европски пристап е не само можен туку и неопходен за долгорочен развој
Поединечни професионални иницијативи, како што е Центарот за груминг и благосостојба на миленици ТУТУ, под водство на Илија Петковски – еден од основачите и главен иницијатор за создавањето на Македонската асоцијација на стилисти за миленици – уште пред формалното формирање на асоцијацијата покажаа дека транспарентноста, етиката и европскиот пристап може да функционираат и во македонски услови.
Како произлезе потребата од формирање на Македонската асоцијација на стилисти за миленици?
– Македонската асоцијација на стилисти за миленици – Скопје, формирана пред три години, произлезе од јасната потреба да се воведат ред, стручност и одговорност во сфера што со години се развиваше стихијно. Во Македонија, каде што постои сериозен дефицит од образовани и стручно обучени професионалци од областа на милениците, оваа асоцијација претставува редок пример за системски пристап кон една чувствителна, но сè поважна општествена дејност. Денес повеќе од половина од активните грумери во земјата се членови на Македонската асоцијација, што е јасен показател за довербата и релевантноста што асоцијацијата ги има во струката.
Со какви проблеми се соочува Македонија во оваа сфера?
– Во отсуство на јасна регулатива и институционални стандарди, јавниот дискурс за милениците често е узурпиран од лица без соодветни квалификации, формално образование или проверливо искуство. Таквата состојба не само што ги доведува сопствениците во заблуда туку создава и реални ризици по здравјето и благосостојбата на животните. Наспроти тоа, поединечни професионални иницијативи, како Центарот за груминг и благосостојба на миленици ТУТУ, уште пред формалното формирање на Македонската асоцијација на стилисти за миленици покажаа дека транспарентноста, етиката и европскиот пристап може да функционираат и во македонски услови. Во текот на своето кратко постоење, асоцијацијата организира ревии на миленици, но истовремено и панел-дискусии со над 54 домашни и странски експерти од сите области на пет-сферата на грижа за милениците. Овие активности се доказ дека сè може да се прави поинаку – со сериозен пристап, професионалност и наука на прво место, за да се разберат милениците како животни со свои биолошки потреби, а не само како предмети за естетика или емоционални симболи.

Клучен чекор во развојот на професионалната сцена беше приклучувањето на Македонија кон Европската груминг-асоцијација. Што значи тоа за нашата држава?
– Европската груминг-асоцијација е организација што ги обединува националните груминг-асоцијации од Европа и воспоставува јасни критериуми за едукација, професионално однесување и континуирана стручна надградба. За Македонија, членството во ЕГА не претставува само меѓународно признание туку и конкретен механизам за надминување на долгогодишниот дефицит од знаење и стандарди во оваа област. Особено е значајно тоа што преку ова членство се наметнува јасна разлика помеѓу струката и аматеризмот. Во држава каде што професиите поврзани со милениците сè уште немаат јасно дефинирани лиценци и контролни механизми, европските стандарди стануваат практична рамка за заштита и на животните и на граѓаните. Улогата на грумерот, според овие стандарди, не се сведува само на естетика туку подразбира и превентивна здравствена грижа, препознавање ризици и соработка со ветеринарната струка.
Што се наметнува како важна цел во целиот овој процес?
– Во овој процес, образованието има централна улога. Преку Академијата ТУТУ, основана како едукативна платформа во рамките на Центарот за груминг и благосостојба на миленици ТУТУ, значаен дел од активните грумери во Македонија добија структурирана, практична и етички ориентирана обука. Токму ваквите образовни модели придонесуваат јавниот простор постепено да се ослободува од дезинформации и од самонаречени авторитети, заменувајќи ги со кадри што имаат знаење, искуство и одговорност. Од државен аспект, воспоставувањето и почитувањето на европските стандарди во оваа сфера има пошироко значење. Тоа испраќа порака дека Македонија, и покрај ограничените ресурси, е подготвена да инвестира во знаење, да се спротивстави на импровизацијата и да ја афирмира стручноста како општествена вредност.
Зошто е важно да се развиваме во областа на професионалниот груминг и темите поврзани со милениците?
– Во време кога темите поврзани со милениците лесно стануваат поле за емоционален популизам, присуството на професионалци покажува дека одговорниот, европски пристап е не само можен туку и неопходен за долгорочен развој. На крајот, професионалниот груминг не е маргинална тема, туку дел од пошироката слика за јавно здравје, култура на одговорно сопствеништво и општество што ги темели своите одлуки на знаење, а не на гласност. Во таа смисла, чекорите преземени во последните три години претставуваат важен сигнал дека Македонија може и знае да се движи во вистинска насока. В.Д.
Илија Петковски магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз. Тој го основа и води Центарот за груминг и благосостојба на миленици ТУТУ и е еден од основачите и главен иницијатор за создавањето на Македонската асоцијација на стилисти за миленици. Неговиот професионален интерес е насочен кон наоѓање современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем, издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебати за оваа тема со цел да се создаде похуман свет за сите, како и кон темите на одговорно сопствеништво на милениците.


































