Фото: „Нова Македонија“

Со новите царински правила дојдоа и новите предизвици за Пошта и за граѓаните

  • Онлајн нарачките под задолжителен ДДВ создадоа забавување во синџирот на достава на пратките. Институциите сѐ уште влегуваат во кондиција да работат поефикасно, а граѓаните имаат сѐ помала трпеливост поради доцнењето на пратките. Од Пошта информираат дека токму оваа нова обврска, имено задолжителен царински преглед за пресметка на данокот на додадена вредност (ДДВ), создава забавување при обработката, бидејќи секој поединечен пакет мора административно да се евидентира и процесира

Од 18 декември 2025 година секоја онлајн пратка што пристигнува во земјава, без оглед на нејзината вредност, мора да помине задолжителен царински преглед за пресметка на данокот на додадена вредност (ДДВ). Со оваа измена, изгласана во ноември минатата година преку измените на Законот за ДДВ, се укина досегашното ослободување од данок за комерцијални пратки до 22 евра. Мерката беше преземена како чекор кон фер конкурентност и поддршка на домашната економија. Но нусефектот од таа цел во пракса донесе нов предизвик – задржување и доцнење на пратките.

Каде настана забавувањето во синџирот?

Според новите правила, ослободување од ДДВ останува само за мали, некомерцијални пратки од физичко лице на физичко лице до 22 евра, со одредени исклучоци. Сè друго – вклучувајќи ги и најмалите онлајн нарачки од странски платформи – влегува во режим на задолжителна царинска обработка.
Како носител на универзалната поштенска услуга, „Пошта на Македонија“ е должна сите овие пратки да ги достави на царина за утврдување ДДВ. Оттаму информираат дека токму оваа нова обврска создава забавување при обработката, бидејќи секој поединечен пакет мора административно да се евидентира и процесира. Надлежни од Поштата наведуваат дека во координација со Царинската управа на Македонија се работи на наоѓање решенија за поефикасна обработка, со цел да се скратат роковите за испорака. Дотогаш, апелираат до граѓаните за трпение и разбирање.

Системот сѐ уште не беше подготвен за новиот обем

Проблемот не е во поштенските шалтери, туку во самата процедура. Досега пратките со мала вредност се испорачуваа директно, без формална царинска контрола. Со укинувањето на прагот од 22 евра за комерцијални пратки, секој производ – од евтин аксесоар до ситна електроника – станува предмет на задолжителен даночен третман. Кога илјадници мали пратки од странски е-трговски платформи одеднаш влегуваат во истиот режим како и класичниот увоз, административниот товар значително се зголемува. Сега, во праксата очигледно е дека капацитетот и динамиката на обработка не биле соодветно приспособени на новиот обем.

Потсетување на целта на мерката за задолжителен царински преглед за пресметка на ДДВ: Повеќе приходи и поддршка за домашните компании

Од Министерство за финансии соопштија дека измената има цел да се создадат „фер конкурентност и заштита на домашните компании“. Според нивните процени, речиси четири милиони денари месечно – колку што во одредени периоди изнесувал прометот кон странските онлајн платформи – би можеле да се пренасочат кон домашната економија. Очекувањата се дека тоа ќе придонесе за раст на локалните компании, отворање нови работни места и подобрување на условите за работа. Во образложението беше наведено и дека новиот модел ќе помогне во намалување на сивата економија, бидејќи претходниот систем оставал простор за злоупотреби – стоки ослободени од ДДВ да се препродаваат на домашниот пазар.

Потребно е време за адаптација

Во регистарот на лиценци на Агенцијата за пошти се евидентирани 29 компании, но „Пошта на Македонија“ останува носител на индивидуална дозвола за универзална услуга, што ја става во центарот на имплементацијата на новите правила, а промената веќе е во сила. Системот, сепак, сè уште се приспособува на реалниот обем што самиот го создаде. Граѓаните реагираат до медиумите поради овој проблем, односно поради „доцнењата и неизвесноста околу роковите за испорака“.
Од друга страна, институциите најавуваат технички и организациски подобрувања.
– Како и секоја регулаторна транзиција, и оваа ќе бара време за граѓаните да ги прифатат новите правила, а за институциите да го зголемат својот административен и технички капацитет. Дотогаш, онлајн купувањето станува не само прашање на избор и цена туку и на трпение – велат од „Македонска пошта“. Е.Р.


Европскиот совет одобри нови царини за мали пакети од трети земји

  • Со одлуката на Европскиот совет, која ќе почне да се применува од 1 јули 2026 година, се воведува привремена фиксна царина од три евра за стоки со вредност под 150 евра. Преодниот период ќе трае до 1 јули 2028 година, по што привремената такса ќе биде заменета со редовни царински стапки. Тоа ќе се случи откако ќе стане целосно оперативен новиот паневропски онлајн царински центар на ЕУ

Европскиот совет официјално го одобри воведувањето нови царински давачки за малите пакети што пристигнуваат во Европската Унија, најчесто од Кина, со што се укинува досегашното ослободување од царина за пратки со вредност под 150 евра.
Со одлуката, која ќе почне да се применува од 1 јули 2026 година, се воведува привремена фиксна царина од три евра за стоки со вредност под 150 евра. Преодниот период ќе трае до 1 јули 2028 година, по што привремената такса ќе биде заменета со редовни царински стапки. Тоа ќе се случи откако ќе стане целосно оперативен новиот паневропски онлајн царински центар на ЕУ. Според официјалните податоци, дури 91 процент од вкупно 4,6 милијарди пакети што влегле во Унијата во 2024 година потекнувале од Кина. Европските институции оценуваат дека ваквиот обем на увоз без царински давачки создавал нелојална конкуренција и ги нарушувал пазарните услови на штета на трговците во земјите членки.
Клучната новина за потрошувачите е начинот на пресметка на давачката. Фиксната царина од три евра нема да се наплаќа по пакет, туку по секоја различна категорија стока во пратката, според царинскиот тарифен број.
Тоа значи дека ако во една пратка има, на пример, свилена блуза и волнени блузи – кои припаѓаат во различни тарифни категории – ќе се наплатат по три евра за секоја категорија, односно вкупно шест евра. Доколку пратката содржи три различни категории производи, царината ќе изнесува девет евра.
Мерката се однесува на мали пакети испратени директно до потрошувачите во ЕУ. Од Брисел очекуваат новиот систем да има позитивен ефект врз буџетот на Унијата и врз јавните финансии на земјите членки, како и да создаде порамноправни услови за европските продавачи на заедничкиот пазар. Е.Р.