Филмот „Срам и пари“, во режија на Висар Морина, ја освои големата награда на жирито на годинешното издание на филмскиот фестивал „Санденс“. Филмот е реализиран како копродукција помеѓу Германија, Косово, Македонија, Словенија, Албанија и Белгија. Македонски копродуцент е Марија Димитрова со „Лист продукција“ од Скопје, а со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.
„Срам и пари“ беше дел од натпреварувачката категорија „Ворлд синема драматик компетишн“ на фестивалот, кој оваа година за последен пат се одржа во Парк Сити (Јута, САД) од 22 до 31 јануари 2026 година, пред да биде преселен во Болдер, Колорадо, каде што ќе се одржува од идната година.
Филмот ја следи приказната на Хатиџе и Шабан, брачен пар во своите 40-ти години, кои со своето пошироко семејство живеат на фарма во рурално Косово. По семејниот спор, начинот за нивна егзистенција на село е оневозможен, а тие се принудени да се преселат во Приштина. Соочени со притисокот да најдат работа и место за престој за да можат да се грижат за своето семејство, за Хатиџе и Шабан започнува истоштувачко патување низ суровото хиперкапиталистичко општество.
Главните улоги ги играат Астрит Кабаши, Флоња Кодели, Кумрије Хоџа, Фиона Главица и Албан Укај, а сценариото е на Висар Морина и Дорунтина Баша.
Македонската екипа ја сочинуваат Марија Димитрова – копродуцентка, актерите Теута Ајдини и Рефет Абази, тон-мајсторот Игор Поповски, микроманот Дарко Бошковски, мајсторот на светло Костадин Дончев, мајсторот на сцена Трајче Величковски и координаторот на продукција Александар Атанасов.
„Срам и пари“ се најде и на листите за најдобрите филмови на „Санденс“ на „Холивуд рипортер“ и „Варајети“, заедно со неколку хит-филма на фестивалот, а доби и голем број позитивни критики во другите гласила за филм.