Фото: ЕПА

Раководителот на Центарот за регионална соработка од Српската стопанска комора, Александар Радовановиќ, изјави дека колку подолги се блокадите поради новиот систем за влез и излез од ЕУ, но и несоодветната реакција на ЕК и земјите од шенген-зоната во однос на третманот на професионалните возачи и ограничувањето на нивниот престој на шенген-територијата, последиците ќе бидат сè потешки.

Во изјава за РТС тој нагласи дека според податоците на Српската стопанска комора, регионот ќе губи 100 милиони евра дневно, само врз основа на неизвезени производи. Тој забележува дека најзагрозени ќе бидат автомобилската индустрија, хемиската, гумената индустрија и земјоделството како важна производствена гранка на Србија.

Радовановиќ смета дека поради таа ситуација, постои голема опасност од губење дел од европскиот пазар.

– Доколку синџирите на снабдување се нарушат и ако не е можно да се увезува и извезува стока, може дури и да доживееме колапс на економијата бидејќи фабриките нема да имаат начин да извезуваат – вели Радовановиќ.

Според него, тоа не е само прашање на транспортниот сектор туку и на економијата во целиот регион.

Тој вели дека административниот дел во ЕУ не разбира колку е важно тоа прашање и дека дури сега, по блокадите, сфатиле дека сите губат.

– Ова прашање бара итно решение, ослободувањето од системот ЕЕС сега би ги задоволило потребите за нормално функционирање на економијата за да се овозможи транспорт на стоки од овој пазар до пазарот на ЕУ“ – рече Радовановиќ.

Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, разговараше со шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Андреас фон Бекерат, за прашањето за ограничување на престојот на професионалните возачи во шенген-зоната. Мацут му предаде на Бекерат нон пејпер, во кој се наведени конкретни решенија што ги нуди Србија, а кои не бараат измени во шенгенскиот граничен кодекс.

Превозниците од регионот трет ден ги блокираат граничните терминали за товар поради новиот систем за влез и излез од Европската Унија, но и несоодветната реакција на Европската комисија и земјите од шенген-зоната во врска со третманот на професионалните возачи и ограничувањето на нивниот престој.