Три песни од новата стихозбирка на поетесата Лила Арсова
Неодамна излезе од печат новата стихозбирка за деца „Снежната убавица“ на авторката Лила Арсова од Велес. Книгата беше промовирана во библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес, а за неа зборуваше проф. д-р Елизабета Бандиловска.
– Песните се наменети за децата, но можат да ги допрат и возрасните. Во нив провејува белината – симбол на чистота, убавина и невиност, какви што се децата – рече Бандиловска.
Авторката Лили Арсова посочи дека тематски песните се посветени на зимата и на зимските радости и празници. Таа посочи дека во македонската литература за деца недостигаат наменски песни посветени на зимата како годишно време и како период на празници и творби за зимскиот распуст. Тоа за неа било мотив да ја создаде оваа книга.
Рецензентката м-р Весна Бошковска упатува на тоа дека преку стиховите од оваа книга малите читатели ќе можат да ги запознаат волшепството и магијата на зимата како годишно време.
– Авторката преку стиховите и илустрациите успева да ја преслика студената зима во топлина и љубов. Утрата што ги буди Северко да бидат денови на игра, смеа, среќа т.е. денови на детска радост – посочува Бошковска.
Лила Арсова е наставничка и писателка за деца од Велес. Авторка е на повеќе книги за деца, меѓу кои „Поточиња во детските очиња“, „Детството соништа плете“, „Свете растеш ли ко дете“, „Сончева трпеза“, „Приказни крај воденчките камења“, „Приказни од мојот крај“ и „Детски мечти“. Дел од нејзиното творештво е преведено на неколку јазици и застапена е во повеќе списанија и зборници. Таа е долгогодишна претседателка е на клубот на писателите „Коста Рацин“ од Велес. Во 2017 година Лила Арсова беше прогласена за најдобар просветен работник на годината од Сојузот на просветните работници на Македонија.
Ф.Д.
Зимата сликар
Зимата како сликарка права,
по прозорци црта, шара!
Најубави тантели таа везе,
штом во вода ќе влезе.
Потоа со четка вешто,
во шумата бои сешто!
На дрвјата нова руба крои,
во снежнобели бои.
А за пејзажите снежни,
бајковити и нежни.
Зимата сликар не уважува,
своите дела ни ги покажува.
Баба Зима
Баба Зима со белите коси
На децата радости им носи.
Кога таа бел шал ќе стави,
секое дете името ѝ го слави!
Кога Баба Зима
со дланки ќе плесне
родината со кристали
ќе блесне!
Кога со старото сито таа сее,
наоколу на земјата
снегулки вее!
Кога Баба Зима
зимска песна пее,
секое дете радосно се смее!
Кога Баба Зима
со иглите плете
најубави чипки има
за секое дете!
Северко
Северко на зимата
е помало братче!
На земјата на зимата
ѝ прави патче,
Тој како помал,
зимата ја најавува
и во секој двор прв
се појавува.
Секаде љубопитно
сака да се мушне
и секое детско носе
да го гушне!
Насекаде тој лисја
вредно мете
во градина не
остава ни цвете!
Северко највешто умее
да дувне
а потоа во гората
да скубне!
Па сестричката
Зима тој ја буди,
а надвор веќе почнува
да студи!
































