МАКЕДОНСКИОТ КИЦ ВО ЗАГРЕБ ПАРТНЕР НА ПРЕМИЕРАТА НА „ПРИКАЗНАТА ЗА СИЛЈАН“

По покана од хрватскиот дистрибутер, македонскиот КИЦ во Загреб се јавува како еден од партнерите на кинопремиерата и дистрибуцијата во Хрватска на македонскиот документарен филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој својата премиера ја имаше на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Венеција.
– Ова е одлична и ексклузивна можност пошироката хрватска публика да го види најновото успешно остварување на македонската филмска документаристика. Македонскиот КИЦ во Загреб преку ваквите соработки не само што ги шири хоризонтите на регионалната културна сцена туку доследно и достоинствено ги презентира македонската култура, филм и авторство надвор од националните граници, градејќи мостови на разбирање, дијалог и културна размена – вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
„Приказната за Силјан“ е длабоко комплексно филмско дело, кое својата наративна база ја пронаоѓа во народната митолошка приказна. Режисерката Котевска вешто користејќи ги особеностите и можностите на филмскиот јазик ја развива познатата приказна, поврзувајќи ги митското и минатото со сегашниот егзистенцијален момент. На овој начин Котевска успева на своето дело да му даде силна безвременска и беспросторна димензија и да создава порака што ги преминува јазичните и културолошки меѓи и бариери на филмските вљубеници низ светот. Филмот отвора емотивни прашања и безброј можни одговори за местото на индивидуата во светот, кој, сите ние, се обидуваме да го сфатиме и прифатиме.
Хрватскиот дистрибутер „Рестарт“ кинопремиерата и почетокот на дистрибуцијата на „Приказната за Силјан“ во Хрватска ги најави за 28 јануари во „Докукино КИЦ“ во Загреб, а ќе се реализира во соработка со „Волим документарце“, платформа за дистрибуција на креативни ангажирани документарни филмови од земјите на поранешна Југославија и македонскиот КИЦ во Загреб. В.Д.