Министерството за одбрана на САД им нареди на околу 1.500 активни припадници на вооружените сили да се подготват за евентуално распоредување во државата Минесота – објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на претставници од одбраната.
Војската ги стави единиците во состојба на готовност во случај насилството во федералната држава да ескалира – објави весникот.
Тој потег е преземен откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го активира Законот за бунт доколку државните претставници не ги спречат демонстрантите да напаѓаат агенти на Службата за имиграција и царина (ICE).
– Доколку корумпираните политичари во Минесота не го почитуваат законот и не ги спречат професионалните агитатори и бунтовници да напаѓаат патриоти на ICE кои само се обидуваат да си ја работат работата, ќе го активирам Законот за бунт – напиша Трамп на својата социјална мрежа во четвртокот.
Ниту Пентагон ниту Белата куќа не одговорија веднаш на барањето на весникот за коментар.

































