Фото: Африм Гаши/Фејсбук

Новоизбраните членови на Судскиот совет, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, денеска во Собранието дадоа свечена изјава пред претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.

Претседателот на Судски совет, Александар Камбовски им честита на новите членки. Потенцира дека тие се додадена вредност на Советот и оти институцијата ќе може да застане на здрави нозе и да ја остварува својата надлежна функција.

 

Јошевска-Анастасовска нагласи дека денеска дале изјава за лична одговорност и очекува дека заеднички ќе успеат од Судскиот совет да изградат една силна институција.

-И чекор по чекор храбро, отчетно, одговорно и трпеливо да почнеме да се движиме во еден позитивен правец и да придонесеме да се зголемува довербата во судството. Време е за интегритет. Време е за одговорност – рече Јошевска-Анастасовска.

 

Смета дека треба да почнат со спроведувањето на новиот Закон за Судски совет и да ги донесат сите подзаконски акти кои се поврзани со него.

– Сметам дека треба да почнеме да го применуваме новиот Закон за Судски совет, да ги донесеме подзаконските акти кои се врзани со новиот закон и натаму да биде добра основа за градење со нови сили за силна институција – нагласи Јошевска-Анастасовска.

 

Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови се на предлог на претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор.

Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор, додека на претседателот на Врховниот суд и на министер за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.