Клубовите кои се дел од училишниот проект „Играј одбојка, расти со неа“, кој Одбојкарската федерација на Македонија го спроведува под закрила на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) успешно реализираа активности во изминатиот период.
Проектот, кој има за цел да ја промовира одбојката меѓу младите генерации и истовремено да даде поддршка на овој спорт во училиштата и локалните клубови беше спроведен во училишта во Велес и Скопје, со поддршка од тамошните одбојкарски клубови.
Околу 100 момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 14 години, поделени според возрасните групи учествуваа во спроведувањето на активностите од проектот, водени од неколкумина активни одбојкарски тренери како и десетина наставници по физичко воспитување.
Во овој проект се вклучени околу 30 клубови кои функционираат под капата на ОФМ, а реализацијата на активностите трае во периодот од септември до јуни, односно за времетраењето на учебната година.
Одбојкарската федерација на Македонија од 2018 година е партнер на ЦЕВ во проектот „Играј одбојка, расти со неа“.



































