Локалитет во Ново Мексико на кој се пронајдени фосили на голем број диносауруси, вклучувајќи го и гигантскиот аламосаурус, датира од време непосредно пред ударот на астероидот што наеднаш ја заврши ерата на диносаурусите, според истражување што истакнува дека овие суштества биле многу добро развиени до моментот на уништувањето. Возраста на тие фосили пронајдени на наоѓалиштето Наашоибито во северозападно Ново Мексико во САД била предмет на дебата меѓу палеонтолозите.
Новото истражување користело две методи на датирање за да утврди дека фосилите датираат приближно од пред 340.000 години – што е во геолошко време само миг – пред моментот кога астероидот удрил во крајбрежјето на мексиканскиот полуостров Јукатан пред 66 милиони години, на крајот на периодот креда. Несреќата избришала три четвртини од видот од лицето на Земјата, вклучувајќи ги сите диносауруси, освен нивните потомци птици. Една од техниките за датирање се темелеше на насоката на магнетното поле на Земјата во тоа време, што беше забележано во карпата Наашоибито. Другата вклучуваше мерење на распаѓањето на природните радиоактивни изотопи во зрната песок вградени во карпата на наоѓалиштето.
– Староста на фауната на диносаурусите Наашоибито долго време беше контроверзна – некои истражувачи сугерираат дека била стара дури 70 милиони години, додека други ја сместуваат во најдоцниот период креда – рече палеонтологот Дан Пепе од Универзитетот „Бејлор“ во Тексас, еден од авторите на студијата.
Студијата дава најнови докази што ја оспоруваат теоријата што некогаш била популарна меѓу палеонтолозите дека диносаурусите биле на својот крај пред ударот на астероидот. Фосилите од Наашоибито најдени блиску до Фармингтон во Ново Мексико им припаѓаат на голем број диносауруси. Најголемиот беше аламосаурус, кој, тежок повеќе од 30 тони и долг околу 30 метри, беше еден од најголемите членови на групата тревопасни животни наречени сауроподи.
Студијата откри дека заедницата на диносаурусите во јужниот дел на Северна Америка се разликувала од онаа што се наоѓала на северот на континентот, што го покажуваат фосилите од истовремената карпеста формација Хел Крик, која ги покрива Монтана, Северна Дакота, Јужна Дакота и Вајоминг. Овие две заедници делеле некои диносауруси како тираносаурус и торосаурус , но се разликувале на други начини, покажувајќи јасна поделба север-југ.
































