Владата го усвои Годишниот план за имплементација на Праведната транзиција за 2026 година, со што се продолжува со системско спроведување на процесот на праведна енергетска и економска трансформација во земјата, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во соопштение посочува дека со усвојувањето на Планот, Владата и Министерството „ја потврдуваат својата посветеност кон обезбедување праведна транзиција која ќе ги земе предвид социоекономските последици врз заедниците и работниците во регионите засегнати од транзицијата, со посебен фокус на отворање нови можности за вработување, преквалификација на работната сила и поттикнување одржлив локален економски развој“.
Со предвидените механизми се обезбедува координиран пристап помеѓу надлежните институции и јавните претпријатија.
-Годишниот план за 2026 година е изработен во согласност со националните стратешки документи и Реформската агенда, како и со обврските преземени во рамки на процесот на забрзана транзиција од јаглен кон одржливи и нискојаглеродни извори на енергија. Планот претставува оперативен документ кој ги дефинира конкретните активности, временската рамка, надлежните институции и потребните ресурси за негова реализација. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е задолжено да го објави Годишниот план на својата веб-страница и да ја координира неговата имплементација, додека ресорните министерства и релевантните институции ќе ги приоритизираат активностите во рамки на своите годишни програми, со редовно известување за напредокот во имплементацијата – соопшти Министерството.
Во соопштението наведува дека Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година „претставува значаен чекор во насока на поефикасно и координирано спроведување на планираните реформи, зајакнување на институционалната рамка и унапредување на соработката со меѓународните партнери и финансиските институции.“
































