Рокот за поднесување барања за амнестија за настаните во Собранието од 27 април 2017 година истекува денес. Заклучно со вчерашниот ден до Кривичниот суд во Скопје се пристигнати вкупно 38 барања за амнестија од обвинетите во неколкуте случаи кои се однесуваат за настаните од „27 април“, потврдија за МИА од Судот.
Меѓу оние кои досега поднеле барање, според пишувањата на дел од медиумите, се пратениците Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, како и Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ангелов – Ќосето, Иван Цветановски, Горан Ѓошевски Леви и Митко Пешов, браќата Михаил и Стефан Младеновски, Абдулфета Алими и Захарие Симовски. Барања за амнестија поднеле, како што пишуваат дел од медиумите и режисерот Борис Дамовски, еден од тројцата водачи на протестите „За заедничка Македонија“ и оперскиот пејач Игор Дурловски.
Јане Ченто и Игор Југ, кои се меѓу 33-та обвинети за настаните од 27 април, на последното рочиште веќе се изјаснија дека нема да бараат милост, туку правда.
Барање за амнестија може да поднесат и веќе осудените за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, како и за нападот на министерката Радмила Шеќеринска. Адвокатите на Панче Ангелов, кој е осуден на четири години затвор за делото „насилство“, врз Шекеринска при упадот во Собранието на 27 април, и на Никола Војминовски осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство врз Зијадин Села, потврдија дека поднеле барање за амнестија.
Обвинетите можат да ги доставуваат барањата до Судот лично и по пошта. По истекот на рокот за поднесување на барањата, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во врска со Законот за амнестија, на предновогодишниот брифинг со новинарите оцени дека колку и да е политички непопуларен, сепак, е добро решение како да се создаде амбиент за подобра комуникација помеѓу пратениците во еден важен момент за земјата кога треба да се носат важни одлуки, без притоа да се промовира принципот на неказнивост.
– Овој проект ниту ги амнестира насилниците, ниту организаторите, туку создава можност тие кои биле заведени, кои биле колатерална штета на една погрешна кауза, да може да се создаде тој простор за побрза координација во пресрет на важни предизвици. Ова решение не е измислено во Македонија, туку е преземено од најдобрите пракси во светот, притоа внимавајќи да не се промовира принципот на неказнивост. Собранието не е тоа кое ќе посочува кој е виновен, а кој не, туку судот, рече Османи.
Законот за амнестија во четвртокот минатата недела беше објавен во Службен весник на Република Македонија, откако на него беше ставен потпис од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
Македонското Собрание го донесе на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани.
Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Секој од обвинетите за „27 април“ има право да поднесе барање за амнестија, ако смета дека ги исполнува условите пропишани со Законот.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
На обвинителната клупа се: пратениците Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.