Фото: Пиксабеј

Паралелно со масовните прослави на дочекот на Новата година, Белгија мина уште една турбулентна новогодишна ноќ проследена со опожарување и оштетување на возила, предизвикување пожари и напади врз службени лица.

Билансот на ваквата ноќ е околу 180 приведени ширум Белгија и тројца повредени полицајци во реонот на Брисел.

Бриселската полиција информира дека двајца полицајци биле повредени во јужните предградија на Брисел „за време на неуспешна сообраќајна контрола“. Во полициското соопштение нема детали за тоа како дошло до повредувањето на полицајците, ниту пак каква е нивната здравствена состојба.

Третиот полицаец бил поведен во реонот на Иксел, во бриселското централно градско подрачје, откако бил нападнат со пиротехника.

Бриселската полиција информира дека ширум градот биле опожарени повеќе возила и биле оштетени неколку автобуси и трамваи на јавниот градски превоз, како и дека биле приведни најмалку 63 лица.

Во Антверпен поради напад врз полицајци и предизвикување други инциденти се приведени над 104 лица, меѓу кои и деца на возраст од 10 и 11 години.

Уште најмалку 10 лица биле приведени во регионот на Мехелен поради нарушување на јавниот ред во алкохолизирана состојба, како и за напади врз службени лица.

Полицијата информира дека најголемиот број од приведените ширум Белгија биле помлади од 20 години и кај нив, меѓу останатото, биле пронајдени молотови коктели и други пиротехнички средства.

Во неколку градови, вклучително и во Брисел и Антверпен, се регистрирани и напади со камења и пиротехника врз припадници на службите за брза помош кои биле дојдени на интервенции по повик.

Инаку, централната прослава за дочекот на новата 2026 година во Брисел се одржа на стадионот „Крал Бодуен“ (поранешен „Хејсел“), каде присуствуваа околу 90.000 лица, а во негова близина на Бриселскиот саем уште околу 30.000 посетители беа регистрирани на фестивалот „FCKNYE“.

На испалувањето на традиционалниот новогодишен огномет од Атомиумот, што се наоѓа во истиот комплекс, присуствуваа околу 60.000 лица. Огнометот траеше околу 15 минути.