Поетот Стојан Тарапуза го прослави својот 92. роденден

Вчера нашиот познат и омилен поет за деца Стојан Тарапуза го прослави својот деведесет и втори роденден. Песните и мудрословија на Тарапуза се дел од нашите страници уште од самите почетоци.
Нема кој не ги знае стиховите на песните „Силата на зборовите“, „Цици бари“ и многу други од долгогодишното и богато творештво на Стојан Тарапуза.
Својата прва стихозбирка ја објавил во 1961 година, а со книгата „Грејни сонце“, објавена во 1966 година, влегува во светот на литературата за деца, на која ѝ го посветува целиот свој живот до ден-денес. Се редат тука книгите: „Дамбара думбара“, „Под стреата на ѕвездите“, „Поглед низ двоглед“, „Зборови по дворови“, „Шарки жарки“, „Брзалки без врзалки“, „Сон на тркала“, „Мудрословија“, „Разденица“, „Везеница“…
Некои негови збирки и избори од неговата поезија се објавени и на други јазици како српски, албански, словенечки, руски, германски, полски, чешки, италијански, бугарски, унгарски, романски и др. Тој преведувал од српскохрватски јазик, а уредник е и на антологијата на песни за деца од македонската и светската народна и уметничка поезија „Сребрени ѕвончиња“.
Напишал и објавил педесетина наслови за деца, постојано менувајќи го и надградувајќи го својот стил, успешно ловејќи ги современите текови од развојот на децата, но и од развојот на литературата за деца.
– Творецот не би требало да влегува во клише, да се повторува. Тој би требало да наоѓа нови теми, можности, нови стилски дотерувања, да го вклучи детето во играта, песната да биде во дослух со неговите желби, современа, едноставна, игрива… Ако не дојде до сето тоа, ако песната не е музикална, тоа нема да ја научи наизуст и да ја рецитира – вели Стојан Тарапуза во едно од своите интервјуа дадени за „Колибри“.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои се и: наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ за најдобра книга за деца во 2015 г., а трипати го добил признанието на Радио-телевизија Скопје за своето творештво. Неговите песни се објавени во читанките, застапен е во училишната лектира, а во 2011 година „Просветно дело“ ги објави неговите избрани дела во три тома.
Иако ја живее десеттата деценија од својот живот, тој сѐ уште неуморно твори. Годинава, издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави новата книга на Стојан Тарапуза, насловена „Орден и значки“, секако, повторно посветена на најмладите читатели.
Наместо роденденска торта, ќе ве почестиме со зимски и празнични стихови од нашиот славеник, поетот Стојан Тарапуза!

Подготвил: Ф.Д.


Елка

Зелен пожар, зелен
сред планина никнат,
во детските очи
Водоскок е бликнат.

Накитен со цвеќа-
украси што ѕвонат
гледајќи, го во нас
насмевки се ронат.

Зелен пожар, зелен-
В безброј соби вселен!

Снешко

Јас сум Снешко
јас сум џин,
јас сум плеќест мајкин син!

Имам срце снегово
стојам среде Брегово,
вишнеам ко планина,
најсвеж сум во ранина!

Уста ми е-иверка
носот-долга пиперка,
очите јагленчиња,
забите
-каменчиња!

Јас сум Снешко,
јас сум џин,
јас сум најбел мајкин син!
Само малкуцка сум крут
зашто имам ладна ќуд!

Дојди, дојди
Дедо Мраз

Дојди дојди Дедо Мраз,
влези и во домот наш!
Ти си патник дар што носи,
од очите смев што роси,
од устата глас што лее
-најубаво што ни пее!

Дојди, дојди од сто страни,
прескокни ги сите брани,
препливај ги сите реки,
прелетај ги сите смреки!
Ти си старец-живожарец,
и најбогат дародавец!

Дојди, дојди те чекаме
– по тебе сите пекаме!