Министерот за здравство Азир Алиу денеска, одговарајќи на новинарски прашања за паркингот на Клиничкиот центар, рече дека некаде до мај „ќе имаме паркинг што ќе биде потполно нов со ‘смарт’ – инфраструктура и катна гаража“.
Тој појасни дека имало административен проблем во врска со инфраструктурата на паркингот на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Министерот информираше и дека заедно со Министерството за образование и наука креираат национална стратегија за 10 години за да може да креираат профил на здравствени работници и професионалци, таму каде што е потребно.
– Тоа не може да се направи ниту за една година ниту за четири години. Знаете дека минимум шест години ни требаат за да се креира профил на доктор – одговори тој на новинарско прашање, по посетата на реконструираната Клиника за гинекологија и акушерство.
Министерот исто така потсети дека заедно со Владата ќе набават 100 амбулантни возила, а за 2027 година најави уште 50.
– Значи, за кратко време ќе има плус 150 амбулантни возила што ќе бидат опремени соодветно за да може да ги опслужат нашите граѓани – подвлече министерот.

































