ЗБОРУЕ РАДИО СКОПЈЕ
„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ се зборовите со кои Владо Малески, писател и борец во НОВ, го означи почетокот на работата на Македонското радио. Првите зборови прозвучија во етерот на 28 декември, 1944 година, за време на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ.
Вчера се навршија 81 година од основањето на Македонското радио. По тој повод, Канал 103 реализираше целодневна програмска посвета со наслов „Зборуе Радио Скопје“. Отворената програма ја поврза радиоархивата со современите, експериментални пракси и новите генерации автори, со посебен акцент на разновидноста на гласови и формати. Во соработка со Радио МОФ и Моно-тон беше направен пресек на македонските музички изданија објавени во 2025 година.
Програмата започна во 13 часот и траеше до полноќ. Истата програма се емитуваше и на Кашмир Радио (Берлин), во рамките на тековната соработка меѓу двете партнерски радија, како и на ФИЈУК-саемот на независно издаваштво. Од 2019 година, Канал 103 работи без сопствена фреквенција, но и понатаму континуирано и посветено придонесува кон јавниот културен простор преку радиопродукција и поддршка на современата музичка и културна сцена.
































