Автор: Д-р Маргарита Камбовска, педијатар
Кои се причините за настанување на грчеви (напади)?
Голем број причини кои доведуваат до раздразнување на мозокот може да доведат до грчеви.
• На пр. грчеви може да настанат како резултат на низок шеќер во крвта или пореметување на некои нормални состојки во крвта.
• Грчеви може да настанат како резултат на трауматско оштетување на мозокот, инфекции, церебрална парализа, ментална ретардација, тумори на мозокот, хидроцефалус и аномалии на мозокот.
• Сепак кога се зборува за грчеви од мозочно потекло т.н. конвулзии, најчесто се мисли на епилептични и други напади слични на епилептичните. Епилепсијата е релативно често заболување. Се смета дека околу 1% од популацијата има епилептични кризи. Во нашата средина постојат голем број предрасуди во однос на ова заболување и во однос на неговиот третман. Без оглед на претставата за епилепсија, како за тешка и неизлечива болест, лекови со кои успешно може да се контролира ова заболување се познати веќе во половината на 19 век.
Што се фебрилни напади-фрас?
• Честа појава во детската возраст. Се јавуваат кај 2-5% од децата на возраст помеѓу 6 месеци и 5 години. Настануваат при нагол скок на температурата (може да настанат и при нагло намалување на температурата), најчесто кај деца со банални инфекции. Најголема зачестеност е околу втората година.
• Нападот настанува одеднаш, обично во тек на некоја манипулација со детето (намалување на температура, преслекување, по оброк, по будење и сл.).
• Детето ја губи свеста, помодрува, и најчесто започнуваат симетрични трзаи на рацете и нозете, а на устата се јавува пена. Во тек на нападот најчесто се измокрува.
• Оваков напад обично трае кратко ( најчесто помалку од една минута, ретко до 15 минути) и престанува спонтано. Потоа детето заспива, а при тоа често се забележува, значаен скок на температурата. Ретко се случува повторен напад, во рамките на следните 24 часа.
• Грчевите кои не се предизвикани со температура траат подолго, може да зафаќаат еден дел на телото и може да се јавуваат повторувачки.
Што треба да направат родителите ако детето добие напад ?
• Додека нападот трае, единствена активност е детето да се сврти на мев, со главата свртена на страна, за да може пената да се излива надвор.
• Секоја агресивна манипулација, масажа со цел на намалување на температурата, насилно отварање на устата и тресење на детето за да се освести, може да предизвикаат само додатна стимулација, на и онака пренадразнетиот нервен систем и го продолжуваат нападот.
• Кога нападот настапил по прв пат, родителите најчесто не знаат да применат некој медикамент, со цел да се прекине или спречи нападот.
• Кога нападот ќе се смири, детето треба да се разлади, темпeратурата да се намали, да се дадат лекови за снижување на темпeратурата ( Парацетамол).
• Не е задолжително секое дете кое добило фебрилни напади, да добие антиконвулзивен лек, нити има потреба да се стави на превенција со антиконвулзивни лекови.
• Ако детето добие ваков напад треба да се одведе на лекар , кој понатаму ќе направи диференцијација дали се работи за обични фебрилни напади (можно е нападите да се знак на сериозна болест на централниот нервен систем пр. инфекција на мозочните обвивки- вирусна или бактериска). Во такви случаи нападите се подолготрајни и често отпорни кон терапијата која се дава за прекинување на нападот
Дали може да се прекине нападот?
Нападот може да се прекине со диазепам-раствор за ректална примена. Растворот на лекот се втиснува во чмарот со помош на специјален додаток, и потоа се истиснува растворот во количина 0,3 мг/кг.т.т., максимум 3-5 мгр во единечно давање. Ова може да се повтори по 10 минути, со иста постапка.
Во колку нападот е упорен, постапката може да се примени и трет пат, а во меѓувреме треба да се повика лекарот.
Дали фебрилните напади оставаат последици и каква е шансата да се повторат?
• Ако вашето дете добило фебрилни напади, немојте да мислите најлошо. Овие типови напади не се опасни и вашето дете нема да има долгорочни здравствени проблеми. Фебрилните напади не предизвикуваат мозочно оштетување, проблеми на нервниот систем, парализа, ментална ретардација или смрт.
• Фебрилните напади имаат тенденција да се јавуваат во одредени фамилии. Ризикот да се добие повторен напад во тек на други фебрилни епизоди зависи од возраста на детето: деца кои се помали од 1 година во времето на првиот напад, имаат 50% шанса за повторен напад. Деца постари од 1 година во време на првиот фебрилен напад имаат 30% шанса за повторен напад.
Кога е потребно болничко лекување ?
• Ако нападот траел подолго од 15 минути,
• ако детето е помладо од 1 година,
• ако постои сомнение за инфекција на мозочните обвивки,
• ако имало повторувачки напади во краток временски интервал и
• ако после напад е присутна јака поспаност.
Дали е потребно да се даваат лекови за превенеција од нови фебрилни напади?
• За случаите за кои се смета дека фебрилниот напад е безопасен (детето се протресува малку, а нападот поминува спонтано) нема потреба од превенција.
• Повремена (интермитентна) превенција за кои случаи?
• Трајна (перманентна) превенција се препорачува за деца со претходен моторен, ментален, или невролошки дефицит, деца со атипичен првичен фебрилен напад, и/или деца кои во блиското семејство (мајка,татко, брат или сестра) имаат некој со падавица (епилепсија) или условно, во случаите каде следниот фебрилен напад се јавил „лажно“ без температура (прво се јавил нападот, а потоа родителот забележал покачување на температурата).
• За превенција се користат антиепилептични лекови, според препораката на лекарот.
• Превентивната терапија се дава во периодот на преосетливост кон температура, до 5 годишна возраст. Никогаш не треба нагло укинување, бидејќи тоа може да предизвика напад. Секогаш прекинувањето на терапија се прави во договор со лекарот.
Епилептични напади
Фебрилните напади не треба да се мешаат со епилепсија. Овие напади не се предизвикани од температура. Епилепсијата се манифестира со бројни облици на напади, кои настануваат како резултат на промени во мозокот.
• Најзачестени се т.н. „големи“ напади, кои се слични на фебрилните напади , но причината , текот и исходот се разликуваат.
Постојат облици на епилепсија, кои се состојат во краткотрајно ненадејно губење на свеста, краткотрајно прекинување на вообичаените активности, појава на некои стеретипни активности, а потоа детето како да се разбудува од сонот и продолжува со вообичаената активност. Вакви напади може да се повторуваат во тек на денот.
• Втор облик на епилептично реагирање е т.н. парцијална епилепсија, каде постојат емоционални, слушни , видни, мирисни и други феномени после кои останува сметеност и несеќавање за нападот.
Дијагнозата на типот на епилепсијата и изборот на одговарачкиот антиепилептичен лек, врз основа на клиничката слика, ЕЕГ наодот и други истражувања ќе ги направи детскиот невролог.
Некои лекови може да потенцираат или предизвикаат напади?
Да!
• Тука спаѓаат амфетамини (лекови за подобрување на концентрацијата), антихистаминици (лекови против алергија), изонијазид, метронидазол, налидиксна киселина (антибиотици), орални контрацептиви, антидепресиви, винкристин (цитостатик), аминофилин и др. доколку се предозираат.
• Не смее нагло прекинување на антиепилептиците. Одвикнувањето е долг и чувствителен процес. При нагло прекинување околу 20-50% добиваат повторен напад или епилептичен статус.
Каде да се обратите за помош?
• Вашиот педијатар
• Детски невролог


































