Сто дваесет и две години од објавувањето на капиталното дело на Крсте Петков Мисирков

  • Оваа книга на Мисирков е прв сериозен обид за научен пристап кон стандардизацијата на македонскиот јазик, правописот и азбуката. Во неа Мисирков изнесе научно-теоретски погледи и аргументи за самобитноста на македонскиот народ, како посебен народ од словенската група. Но „За македонцките работи“ претставуваше, всушност, државно-национална програма за создавање слободна и самостојна македонска држава во своите тогашни етнојазични и територијални граници, опфаќајќи ги вардарскиот, пиринскиот и егејскиот дел на Македонија. Поставките од „За македонцките работи“, иако Мисирков ги формулираше уште пред 122 години, остануваат доволно „свежи“ и „временски негибнати“, за да може врз основа на нив и на државотворното решение на АСНОМ од 1944 година да се реставрираат државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ

На 25 декември 1903 година Крсте Мисирков ја објави својата монументална студија за македонизмот – „За македонцките работи“, која беше испечатена во печатницата „Либерален клуб“ во Софија, Бугарија. Оваа книга на Мисирков е прв сериозен обид за научен пристап кон стандардизацијата на македонскиот јазик, правопис и азбука. Во неа Мисирков изнесе научно–теоретски погледи и аргументи за самобитноста на македонскиот народ, како посебен народ од словенската група. Но „За македонцките работи“ претставуваше, всушност, државно-национална програма за создавање слободна и самостојна македонска држава во своите тогашни етнојазични и територијални граници, опфаќајќи ги вардарскиот, пиринскиот и егејскиот дел на Македонија.

Мисирков уште пред 122 години јасно аргументираше дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица

Мисирков уште пред 120 години кристално јасно одговори со аргументи дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица, одделна независна држава. Илинденското востание не успеа да ја конституира таа „Македонска одделна етнографско-политичка единица“, но народноослободителната борба на македонскиот народ и Првото заседание на АСНОМ ги конституираа илинденско-асномските темели на македонската држава, за која се залагаше со своите теоретски поставки и Мисирков. Тој создаде социолингвистичка реалност, во чиј центар се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ.
Во својата анализа со наслов „Поглед во иднината – Светот во 2050 година (дел I)“, објавена на 25 октомври годинава, Матија Шериќ, геополитичкиот аналитичар-публицист и сопственик на аналитичкиот портал „Актуалитика“ од Риека, Хрватска, пишува дека пред неколку децении Елеонор Рузвелт, првата дама на Соединетите Американски Држави, забележала: „Иднината им припаѓа на оние што веруваат во убавината на своите соништа“. Но, како ќе изгледа светот во 2050 година? Иднината останува неизвесна во поглед на политичкиот, економскиот, демографскиот, религиозниот и еколошкиот пејзаж на Земјата.
Во својата научна статија со наслов „Пресвртни точки за 2050 година од 2025 година“, објавена во јануари 2025 година, д-р Марк де Вос, професор на Правниот факултет на Универзитетот во Гент, Белгија, укажува дека светот се „врти“ од американската хегемонија и глобализација кон геополитички конфликт, од мир и соработка кон војна и фрагментација, од правила и институции кон моќ и коалиции.
– Земјите се приклонуваат од демократија кон автократија или популизам, или од автократија кон тоталитаризам, и од мултикултурализам кон национален идентитет, или национализам – пишува Вос.
Тој потоа го поставува прашањето каков ќе биде патот кон средината на векот.
– Три сценарија се замисливи. Прво сценарио: сценарио на реставрација, во кое Америка и демократските земји доволно ќе закрепнат – економски, технолошки, воено – и ќе воведат дипломатски иновации, за да го стабилизираат меѓународниот поредок со нова рамнотежа на моќ, во која тие повеќе нема да доминираат, туку ќе останат водечки – истакнува овој експерт.
Во своето геополитичко „ѕиркање“ во иднината на светот во наредните 25 години Марк де Вос ги исцртува контурите на второто и третото сценарио во својата анализа: „Второ сценарио: сценарио на втора Студена војна, која ќе го подели светот на блокови и конкурентски суперсили, каде што земјите со средна големина во развој или географски клучните земји добиваат и ја искористуваат геополитичката важност. Трето сценарио: сценарио на хаос, подлабоко нурнување на светот во грчеви и нестабилност, со тензии, конфликти и војни што ескалираат сè додека некој крупен настан ќе воведе нова ера. Кое од трите сценарија ќе преовладее зависи од пресвртните точки во следните дваесет и пет години“.

Истражувачкиот центар на Европската комисија објави своја анализа со наслов „Замислување на одржлива Европа: четири сценарија за 2050 година и стратегиски области за промена“, а во неа разработува четири сценарија за развојот на Европската Унија и воопшто за геополитичките промени на европскиот континент до 2050 година. Во оваа анализа се наведуваат „четири вида одржлива ЕУ во 2050 година“ и се нагласува: „Четирите верзии на одржлива ЕУ во 2050 година нè покануваат да замислиме различни можни иднини. Во еден од овие можни европски идни светови, во согласност со првото сценарио, промените се поттикнати од силна државна интервенција, со фокус на одржливост, социјални и економски политики спроведени преку строга регулатива и изобилство социјални услуги. Спротивно на тоа, второто сценарио за европската иднина опишува општество во кое индивидуалистичкиот, претприемачки дух на приватниот сектор ги предводи напорите за транзиција на одржливост преку технолошки иновации, во кои државата презема водечка, стимулативна улога. Третото сценарио претставува свет што се бори со тековни, трајни кризи, каде што примарната цел на ЕУ се врти околу ублажување и управување со ризиците од климатските промени во рамките на влошената геополитичка реалност. Во остра спротивност е четвртото сценарио, кое предвидува општество, водено од граѓани што ги преземаат работите во свои раце. Оваа визија ги нагласува локалните решенија, солидарноста и директната демократија како фундаментални принципи“.
Да се префрлиме на можното сценарио за Република Македонија до 2050 година, набљудувано од геополитички аспект. Ќе ја парафразираме споменатата реченица на Еленор Рузвелт и ќе кажеме најпрвин дека „иднината на Македонија ќе зависи од оние што ќе веруваат цврсто во своите македонски соништа, бидувајќи едновремено подготвени и да ги остварат!“
Македонската иднина може и треба да се смести во рамките на четвртото сценарио, кое го разработува Истражувачкиот центар на Европската комисија, дека треба да се создаде иднина што ќе ја обликуваат граѓани што ги преземаат работите во свои раце, со примена на локалните, во нашиот случај, на македонските решенија, како и на директна демократија, а таква демократија подразбира и непосредно учество на еден народ во ковањето на неговата сопствена иднина.
Поставките од „За македонцките работи“, иако Мисирков ги формулираше уште пред 122 години, остануваат доволно „свежи“ и „временски негибнати“, за да може врз основа на нив и на државотворното решение на АСНОМ од 1944 година да се реставрираат државотворните стремежи, напрегања и традиции на македонскиот народ.

Свето Тоевски