Низ страниците на македонската литература за деца: „Првачињата Ета и Влатко дете слатко“ на Ксенија Маказлиева Трајчева
Месецот декември е најубавиот месец во годината. Така барем си мислеше Ета. „Сигурно името го добил по некој волшебник“, размислуваше. „Само во декември сѐ изгледа поинаку – и улиците, и дворовите, и плоштадот и продавниците. Како некој волшебник да поминал низ градовите и селата. Замавнал со своето волшебно стапче – и оп, светилки и елки на сите страни. И што е уште почудно – каде и да тргнеш, каде и да се свртиш, може да го сретнеш Дедо Мраз…
– Евгенија, – си го слушна името – веќе ѕвонеше за последниот час, а ти како да не слушна?
Покрај неа стоеше наставничката со дневникот во рацете. А Ета спокојно си седеше во клупата, покрај својот цртеж со новогодишна елка.
– Ајде, доста беше за денеска – се насмевна наставничката – време е за дома…
– Дома, да… – тивко рече Ета – а волшебникот Декември само кај нас сѐ уште не поминал…
– Кој? – праша наставничката.
– Ајде, Ета – го слушна гласот на мајка ѝ. – Зошто секогаш си последна?
– Затоа што немам волшебна моќ – одговори Ета. – А кога би имала, нашиот дом би го направила бајка…
Наставничката збунето погледна и во Ета и во мајка ѝ, но не рече ништо.
– Знам, знам, Ета, виновна сум, признавам – рече мајка ѝ. – Еве, ти ветувам, овој викенд, ти ветувам…
– И минатиот пат вети, па ништо… Не ти верувам – рече Ета нерасположено и излезе од училницата. Беше молчалива и тивка. Збор не прозборе до дома.
И мајка ѝ молчеше. Таа знаеше зошто се лути Ета. Иако беше средина на декември, тие сѐ уште ја немаа накитено новогодишната елка. Затоа, таа ноќ, откако Ета заспа, таа ги извади елката и новогодишните украси. Ги остави на средината од дневната соба и на еден голем лист хартија нацрта русокосо девoјче како ја кити елката.
Следниот ден беше сабота. Како и обично, Ета прва се разбуди. Во домот беше тивко. Влезе во дневната соба и ја забележа ненакитената елка. А потоа и цртежот под неа.
– Така значи – рече на глас. – Значи, јас треба да те накитам. Штом така сакаат, така нека биде.
Ги зеде блокот и боиците и почна да црта. Секој цртеж го ставаше меѓу гранките на елката. Сега елката наликуваше на голема цртана приказна. А што имаше на цртежите?
Ета и татко ѝ возат велосипеди, Ета, мајка ѝ, татко ѝ и сестра ѝ ја китат елката. Ета и мајка ѝ се во кино… Ета и сестра ѝ читаат сликовница…
Кога слушна дека се отвора една од вратите во домот, Ета се скри зад троседот и чекаше да види што ќе се случи…
Првин влезе мајка ѝ, а потоа и татко ѝ. И двајцата застана како маѓепсани.
– Ова се желбите на Ета, – рече мајка ѝ – погледни…
– Е па, време е да ѝ ги исполниме – заклучи татко ѝ.
– Ве слушнав, ве слушнав – викна Ета и скокна пред нив. – Сега нема ни ама, ни ова ни она – зборуваше најбрзо што можеше. – И не барам сите желби да ми ги исполните одеднаш, да почнеме со првата – подгответе се за китење…
Таа вечер елката горделиво светкаше во сите бои затоа што беше накитена со многу љубов и со многу смеење. На крајот Ета нацрта уште еден цртеж, на кој елката беше накитена, а сите околу неа беа весели и насмеани.
– Недостигаат само подароци – рече Ета. – Но тоа е работа на Дедо Мраз, нели?
За авторката
Ксенија Маказлиева Трајчева е писателка за деца, одговорна уредничка и едукаторка. Авторка е на збирките раскази за деца: „Спирко Немирко“, „Борко Брзозборко“ и „Првачиња Ета и Влатко дете слатко“, како и на прирачниците за деца и возрасни: „Секој има право да се храни здраво“, „Мојот прв албум за водата“, „Дојдете да се запознаеме, поздрав, мистер Дриско“, „Мојот прв албум за природата – безбедна природа, безбедно детство“, „Убавината е во различноста“, „Како до чист воздух… Па, на педали“, „Пчелата – планетарно чудо“ и на едукативните боенки: „Годишните времиња“ и „Новогодишни и божикни радости“. Објавила над 200 раскази во списанијата за деца „Другарче“ „Развигор“ и „Росица“ и во додатокот за деца „Колибри“ при „Нова Македонија“. Работи како одговорна уредничка на списанието за најмали „Росица“ и на изданија за деца на предучилишна и рана училишна возраст при „Просветно дело“, Скопје.
































