Жаклина Мучева со рачни изработки ги разубавува празниците
- Во секој подарок ставам и моја изработена честитка, а многу сакам да дарувам. Многупати сум изработувала и честитки за хуманитарни цели. Во последно време во честитката пишувам и моја литературна творба – песна, па со тоа го збогатувам и доживувањето, вели Жаклина Мучева
Читателите на „Колибри“ ја запознаа Жаклина Мучева како авторка на книгите за деца „Мозаикот на Деби Му“, „Деби Му го разбуди бувчето“ и „Деби Му освојува медали“. Повозрасните ја знаат како радио и ТВ-водителка, а денес таа работи во Музејот на холокаустот во Скопје. Иако наведовме повеќе нејзини работни позиции, сепак ние нема да зборуваме ниту за една од нив.
Нашата пријателка Жаклина Мучева е полна со креативност и со изненадувања. Како што вели и самата, доколку креативните луѓе немаат некоја активност што ќе го исполни нивниот потенцијал, тие не можат да издржат долго. Таа уште како средношколка почнала да изработува ракотворби, а во тој мозаик на рачни изработки важно место заземаат и новогодишните честитки.
– Се чини дека новогодишните честитки го задржаа приматот во моите рачни изработки. Зошто? Затоа што ги обожувам дрвјата. Секогаш ми го прават животот полесен, ми даваат одговори, љубов, прегратки, патоказ ми се за иднината и решение на дилемите. Обработката на дрвјата во хартија е тажен процес, но тука се честитките, кои го оживуваат дрвото, му го продолжуваат животот со приказна што јас ќе ја создадам. Тука се и моите книги, кои раскажуваат интересни нешта, преку нив живеат моите дрвца – вели таа.
Кога и како настанале новогодишните честитки?
Секако нејзиниот немирен дух не ѝ дозволил да се задржи само на изработката на честитките туку ја натерал да истражува за нивната историја. Според историчарите, за прва новогодишна честитка се смета една германска дрворезба од 14 век (околу 1400–1500 г.), на која имало новогодишна порака за среќа и благосостојба. Тоа е всушност најраното зачувано печатено новогодишно „честитање“.
– Првата новогодишна честитка настанала и била испратена во Англија во 1843 година. Џон Калкот Хорсли ја испечатил за неговиот пријател, сер Хенри Кол, кој всушност му ја дал идејата. Хенри Кол, богат англиски бизнисмен, сакал да има картичка, која ќе може гордо да им ја испрати на своите пријатели и соработници за да им посака среќен Божиќ. На картичката било претставено типично англиско семејство што ужива во празниците и им помага на сиромашните, што било значаен дел од викторијанскиот божиќен дух. Ова е првата новогодишна честитка што се печатела и се продавала.
– Во Македонија, пак, честитките пристигнале во втората половина на 19 век. Кога во Европа веќе се популаризирале печатените божиќни и новогодишни честитки, истите тие стигнале и во тогашните османлиски територии, вклучувајќи го и македонскиот простор. Ги носат трговци, учители, мисионери и учени Македонци што патувале во Виена, Солун, Букурешт и Софија. Кон крајот на 19 век и почеток на 20 век биле направени првите локални печатени честитки – раскажува Мучева.
Ќе оживее ли повторно магијата на испраќањето честитки?
Со развојот на печатарството во Солун, Скопје, Битола и други градови, почнуваат да се издаваат поздравни разгледници, меѓу кои и новогодишни честитки. Во кралството Југославија честитките стануваат масовно популарни. Печатарите во Скопје, Битола и во Велес прават новогодишни разгледници со модерни графички решенија, често со поздрав на кирилица.
– Од 1950-тите до 1980-тите во СФРЈ, испраќањето новогодишни честитки стана вистинска традиција. Испраќани се милиони честитки секоја година. По осамостојувањето на Македонија, се појавуваат домашни дизајнерски честитки, а фирмите почнуваат да печатат новогодишни честитки со нивно лого – вели Жаклина Мучева.
Но со појавата на Интернетот, се појавуваат и електронски и дигитални честитки. Тогаш замира старата, традиционална, светкава и шарена новогодишна честитка. Затоа, пак, тука е нашата инвентивна соговорничка, која се труди да ја оживее традицијата на испраќањето и примањето честитки. Според неа, овој мал гест носи голема радост кај луѓето, а особено кај децата.
– Честитките ги изработувам со огромна љубов, задоволство, трпение и креативност. Материјали купувам во нашава земја, но и надвор од неа, бидејќи овде нема добра понуда за секоја моја фантазија. Користам разновидни материјали, од природни до вештачки, светки, тантели, салфетки, стикери, ѕвончиња, гранчиња и шишарки, филц и плиш – открива Мучева.
Секоја рачна изработка во себе содржи љубов и добра мисла
Освен што изработува честитки, кои ги продава и ги подарува, таа со внимание ги чува и честитките што низ годините пристигнуваат на нејзината адреса.
– Чувам честитки од најблиските. Желбите испишани од нив се врежани емоции во моето срце, а честитката е потсетник на моментот и времето. Живот со честитки е исто како торта со ореви – вели Мучева.
Според неа, луѓето ги сакаат честитките. Најчесто купуваат и ги ставаат заедно со подарокот бидејќи често се случува поштата да не ги достави навремено, а со тоа да се изгубат духот и значењето на испратената честитка.
– Луѓето ги нарачуваат со избор во понудата, но некои бараат одредени украси или натписи. Мене ми е најголемо задоволство кога ќе ми дадат слобода во креирањето. Тогаш сум своја и го вложувам својот максимален творечки потенцијал – објаснува таа.
Со оглед на тоа што честитките се испраќаат во период на празници и подароци, Жаклина Мучева за секој купувач на нејзините рачно изработени честитки подготвува специјален подарок.
– Во секој подарок ставам и моја изработена честитка, а многу сакам да дарувам. Многупати сум изработувала и честитки за хуманитарни цели. Во последно време во честитката пишувам и моја литературна творба – песна, па со тоа ги збогатувам и честитката и доживувањето – раскажува Жаклина Мучева.
На крајот од нашиот разговор, таа упати прекрасна честитка и до „Колибри“.
– Во новата година ви посакувам 65 дена творештво, 129 дена среќа и 171 ден љубов! Да лета и да се сака „Колибри“ уште 100 години! – ни порача Жаклина Мучева.
Доротеа посакува фотоапарат што ќе ги забележи сите насмевки во светот
Драг Дедо Мраз,
Јас сум Доротеа Андрееска и имам пет години. Ја посетувам градинката „Моја бајка“ во населбата Точила, во Прилеп. Текстот за оваа честитка го смислив сама, а за да го запишам ми помогна мама.
Имам многу желби за Нова година. Сакам да има мир во светот, сите луѓе да се сакаат едни со други и сите да бидат среќни. Оваа Нова година сакам да добијам апарат за фотографирање, за да можам да ги фотографирам сите насмевки, сите прегратки, сите среќни и радосни деца, татковци и мајки, дедовци и баби… сиот свет.
Се надевам дека ќе ги исполниш моите желби.
Поздрав од Доротеа

































