Над 25 проценти од бруто-финалната потрошувачка на енергија во ЕУ лани била од обновливи извори, што е зголемување за 0,7 процентни поени во споредба со 2023 година. Овој удел е за 17,3 процентни поени помалку од исполнувањето на целта за 2030 година (42,5 проценти), што би барало просечно годишно зголемување од 2,9 процентни поени од 2025 до 2030 година. Во Македонија енергијата од обновливи извори во вкупно потрошената енергија лани учествува со 21,8 проценти, што е зголемување од 1,6 проценти во однос на претходната 2023 година.
Од земјите во регионот, според податоците на Евростат, најмногу енергија од обновливи извори лани користеле Албанија (43,1 проценти) и Црна Гора (40,8 проценти). Потоа следат Хрватска (26,7 проценти), Србија (25,8 проценти), Грција (25,3 проценти) и Бугарија (23,2 проценти).
На ниво на Европа највисок удел обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на Енергија имале во Исланд (79,3 проценти) и Норвешка (77,9 проценти), додека најниските удели на обновливи извори се забележани во Белгија (14,3 проценти), Луксембург (14,7 проценти) и Ирска (16,1 проценти).
Меѓу земјите на ЕУ, Шведска го забележа највисокиот удел во бруто-финалната потрошувачка на енергија што доаѓа од обновливи извори (62,8 проценти). Шведска првенствено се потпира на цврста биомаса, хидроенергија и ветер. Финска следеше со 52,1 проценти, потпирајќи се на цврста биомаса, ветер и хидроенергија, додека Данска се најде на третото место со 46,8 проценти, при што поголемиот дел од нејзината обновлива енергија доаѓа од цврста биомаса, ветер и биогас.
Меѓу земјите од ЕУ, повеќе од 75 проценти од потрошената електрична енергија во 2024 година била генерирана од обновливи извори во Австрија (90,1 проценти), Шведска (88,1 проценти) и Данска (79,7 проценти). Потрошувачката на електрична енергија од обновливи извори била висока и во Португалија (65,8 проценти), Шпанија (59,7 проценти), Хрватска (58,0 проценти), Латвија (55,5 проценти), Финска (54,3 проценти), Германија (54,1 проценти), Грција (51,2 проценти) и Холандија (50,5 проценти), сите тие учествувале со повеќе од половина од потрошената електрична енергија. На другиот крај од скалата, уделот на електричната енергија од обновливи извори бил помал од 25 проценти во Малта (10,7 проценти), Чешка (17,9 проценти), Луксембург (20,5 проценти), Унгарија и Кипар (двете со 24,1 проценти) и Словачка (24,9 проценти).
Во Македонија лани 40 проценти од вкупно потрошената електрична енергија била произведена од обновливи извори. Тоа е раст од речиси 8 проценти во однос на 2023, кога струјата од обновливи извори учествувале со 32 отсто во вкупно потрошената енергија. Земјава има постојан раст во последните 20 години во уделот на обновливата енергија во вкупно потрошената електрична енергија, од 14,5 проценти во 2004 година, на 19,2 проценти во 2014 година, на 40,07 проценти во 2024 година.
Земјите од ЕФТА Норвешка и Исланд, како и земјата кандидат Албанија, произвеле повеќе електрична енергија од обновливи извори отколку вкупната количина електрична енергија што ја потрошиле во 2024 година, што довело до удел поголем од 100 проценти. Во некои од овие случаи, ефектот доаѓа од поголемо производство од потрошувачка со нето извоз (Норвешка) или реален удел од 100 проценти, но нормализацијата на хидроенергијата го доведува резултатот од уделот на повисоко ниво (Исланд и Албанија).
Растот на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија во периодот од 2014 до 2024 година во голема мера го одразува проширувањето на 2 обновливи извори на енергија низ ЕУ, имено енергијата на ветерот и сончевата енергија. Во 2024 година, обновливите извори на енергија сочинуваа 47,5 проценти од бруто потрошувачката на електрична енергија во ЕУ, што е за повеќе од 2 процентни поени повеќе од претходната година (45,4 проценти во 2023 година).
Енергијата на ветерот и хидроенергијата учествуваа со речиси две третини од вкупната електрична енергија произведена од обновливи извори (38,0 и 26,4 проценти, соодветно). Преостанатата една третина од произведената електрична енергија беше од сончева енергија (23,4 проценти), цврсти биогорива (5,8 проценти) и други обновливи извори (6,1 проценти). Сончевата енергија е најбрзорастечкиот извор: во 2008 година, таа учествуваше со 1 процент. Ова значи дека растот на електричната енергија од сончева енергија е драматичен, зголемувајќи се од само 7,4 Терабајт часови (TWh) во 2008 година на 304 TWh во 2024 година.

































