Предвидувања за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на работата
- Сите индустрии сè уште се обидуваат да разберат какво влијание ќе има вештачката интелигенција врз работните места. Исто така, постои широко распространето верување дека вештачката интелигенција на крајот ќе стане корисна алатка што ќе им овозможи на вработените да извршуваат различни видови работа, а не целосно да ги замени
За пет години, нема да можете да ја одделите информатичката технологија од вештачката интелигенција, предвидоа од компанијата „Гартнер“ на симпозиум одржан на 8 септември, објави „Арс техника“. Потпретседателите и аналитичарите на компанијата, Алиша Малери и Дарил Пламер, го изнеле ова тврдење за време на нивното главно обраќање на ИТ-симпозиумот на „Гартнер“ во Австралија. Во „Гартнер“ веруваат дека до 2030 година, целата работа што се извршува во овој сектор ќе вклучува употреба на вештачка интелигенција. Тоа е во остра спротивност со 81-те проценти од И- работата што се извршува денес без никаква употреба на вештачка интелигенција, како што посочува Малери.
Не само што целата ИТ-работа ќе зависи од вештачката интелигенција до 2030 година туку голем дел од неа ќе го вршат ботови без човечка помош, велат аналитичарите на „Гартнер“. Тие предвидуваат дека за пет години, 25 проценти од ИТ-работата целосно ќе ја извршуваат ботови, додека 75 проценти од задачите ќе ги извршуваат луѓе со помош на вештачка интелигенција.
Ова не е пријатна прогноза за скептиците за вештачката интелигенција, кои често посочуваат потенцијални загуби на работните места како причина за нивните сомнежи во однос на посочената модерна технологија. Многу организации веќе користат вештачка интелигенција за задачи што претходно ги извршувале луѓе во други индустрии, вклучувајќи интервјуа за работа, поддршка на клиенти, па дури и за инфлуенсери на социјалните медиуми.
ИТ-индустријата веќе се подготви за губење илјадници работни места. Сепак, ако предвидувањата на „Гартнер“ се покажат точни, вештачката интелигенција ќе стане нешто со што секој во ИТ-секторот ќе треба да биде запознаен. И покрај зголемената улога на автоматизираните задачи во секторот, од „Гартнер“ не очекуваат технологијата да предизвика „исчезнување на работните места“, што го истакна и Пламер. Во моментов, само еден процент од загубите на работни места се должат на употребата на вештачка интелигенција, според компанијата.
Пламер и Малери веруваат дека вештачката интелигенција прво ќе ги елиминира позициите на почетно ниво. Тоа е во согласност со она што веќе се случува. Според истражувачката фирма „Ревелио лабс“, „бројот на работни места на почетно ниво се намалил за повеќе од 40 проценти“ од јануари 2023 до јули годинава. Во август, „Голдман Сакс рисрч“ предвиде дека вештачката интелигенција „би можела да замени од шест до седум проценти од работната сила во САД доколку биде широко усвоена“, но забележа дека ефектот веројатно би бил „привремен“, бидејќи ќе се создадат нови работни места.
Сите индустрии сè уште се обидуваат да разберат какво влијание ќе има вештачката интелигенција врз работните места. Исто така, постои широко распространето верување дека вештачката интелигенција на крајот ќе стане корисна алатка што ќе им овозможи на вработените да извршуваат различни видови работа, а не целосно да ги замени.
Некои очекуваат дека вештачката интелигенција на крајот ќе создаде повеќе работни места отколку што ќе елиминира. Извештајот на светскиот економски форум „Иднината на работата 2025“, објавен во јануари и базиран на податоци од илјада компании што вработуваат 14 милиони работници низ светот, откри дека до 2030 година, вештачката интелигенција би можела да создаде 78 милиони работни места повеќе отколку што ќе елиминира.
Сè уште е прерано да се разбере дали вештачката интелигенција ќе биде позитивна или негативна кога станува збор за можностите за вработување. Аналитичарите на „Гартнер“ ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат компаниите во управувањето со трошоците поврзани со вештачката интелигенција, а во моментов 65 проценти од компаниите губат пари од своите инвестиции во вештачката интелигенција.
Просечниот Американец останува скептичен во врска со тоа дали вештачката интелигенција може да му го подобри животот. Во анкета спроведена на 5.410 луѓе објавена од истражувачкиот центар „Пју“ во април, 51 процент од испитаниците рекле дека повеќе се загрижени за вештачката интелигенција отколку што се возбудени. Меѓу најчесто наведуваните грижи се истакнуваат губењето на работните места, лажната содржина и дезинформациите. Е.Р.

































