Откако „Мајкрософт“ ја укина поддршката за својот оперативен систем многу се пишува онлајн за тоа што ќе се случи и се јавуваат многу заблуди и дезинформации. Во потрагата по одговори на многуте прашања за тоа што ќе се случува сега кога „Мајкрософт“ ја запре поддршката, веројатно сте наишле на куп неточни тврдења и измислици. Издвојуваме преглед на петте најголеми мита за крајот на Виндоус 10 на кои треба да обрнете внимание.
1. Виндоус 10 целосно ќе престане да работи откако ќе заврши поддршката – неточно
Престанокот на поддршката значи дека Виндоус 10 повеќе нема да прима безбедносни и други софтверски надградби. Самиот систем ќе продолжи да функционира повеќе или помалку како досега.
2. Безбедно е да се остане на Виндоус 10 без безбедносни надградби ако сте внимателни
Не е невозможно, но не сметајте на тоа. Секогаш е мудро и корисно да се биде внимателен, бидејќи секојдневното користење на Виндоус 10 без безбедносни мерки ве изложува на сѐ поголем ризик. Се разбира, може да се случи да го користите уште години без забележителни безбедносни проблеми. Користењето на Виндоус 10 без надградби ќе бара многу посериозни мерки на претпазливост отколку што досега, а тоа подразбира внимателен избор на веб-страниците што ќе ги посетувате и линковите на кои ќе кликате, како и квалитетен антивирусен софтвер. Колку и да сте внимателни, ризикот сепак ќе расте бидејќи ќе има сѐ поголем број безбедносни пропусти што хакерите можат да ги злоупотребат.
3. Ако не сакате да платите за понудата на „Мајкрософт“ за проширена поддршка, за да ја добиете бесплатно мора да ги синхронизирате податоците на компјутерот со таа компанија
Ако не сакате да платите, вистина е дека мора да синхронизирате некои податоци – барем надвор од Европа – но не многу. Не мора да ги синхронизирате сите податоци на компјутер или која било лична датотека (фотографии, видеа итн.) на вашиот диск/дискови. За бесплатна претплата за продолжени безбедносни ажурирања „Мајкрософт“ бара само синхронизација на поставките на компјутерот со сервисот Уандрајв (низ апликацијата Виндоус бекап).
4. Не ви е потребен профил на „Мајкрософт“за да добиете продолжени безбедносни ажурирања
Ако треба да синхронизирате податоци, корисничкиот профил кај „Мајкрософт“ ќе ви биде неопходен. Дури и ако платите 30 американски долари за ЕСУ. Старите познати трикови со креирање еднократен кориснички профил нема да функционираат бидејќи ќе треба постојано да бидете најавени на корисничкиот профил што сте го користеле за добивање на ЕСУ.
5. Дури ни сосема новите компјутери не можат да се надградат на Виндоус 11 затоа што тој оперативен систем има смешно високи системски барања
Ова делумно е точно. Виндоус 11 има необично високи хардверски барања, кои ги исклучуваат надградбите на некои релативно модерни компјутери со Виндоус 10. Повеќето проблеми околу хардверските пречки за надградба се поврзани со компјутери што немаат доволно модерен процесор или немаат безбедносната функција ТРМ 2.0. Сепак, ако имате компјутер купен во оваа декада, многу е веројатно дека ќе можете да го надградите на Виндоус 11 кога Виндоус 10 ќе ја достигне крајната точка на својот животен век, дури и ако системот ви каже дека не ги исполнува условите за наведената надградба. Причината е што вашиот компјутер можеби има поддршка за TPM 2.0, но таа функција едноставно не е вклучена. Доволно е да го отворите БИОС на матичната плоча и да најдете прекинувач преку кој може да се активира.
































