Промоцијата на монографијата „100 години ‘Палјачи’ во Штип (1925-2025): Операта што ја отвори македонската музичка сцена“ на Наташа Диденко, која ја осветлува историската и културната димензија на премиерата на операта „Палјачи“ во Штип во 1925 година, е закажана за денеска, во 12 часот, во Свечената сала на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Модератор е Мишо Китаноски, промотори се проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и проф. д-р Оливер Цацков.
Книгата е резултат на повеќегодишни истражувања на музичката култура во Македонија, со особено внимание на локалните музичко-драмски активности, институционалните предуслови за развој на сцената и учеството на поединци што оставиле трајни траги во македонската музичка историја.
– Монографијата систематски ја анализира продукцијата на операта „Палјачи“, вклучувајќи ги сценската поставеност, костимографијата, улогата на хорот и солистите, како и координацијата на музичката и драмската компонента. Архивските фотографии, анализите на изведувачите и документираните сведоштва ги илустрираат зрелоста на локалната културна средина и нејзиниот придонес кон афирмацијата на оперската уметност во Македонија. На овој начин, премиерата на „Палјачи“ се прикажува не само како историски настан туку и како културен и општествен столб што ја означува транзицијата од аматерските настојувања кон систематизирана оперска традиција – нѐ информира Наташа Диденко.
Монографијата има цел да ја реконструира историската реалност на настанот, да го истакне неговото уметничко и општествено значење и да покаже како оваа премиера влијаела на долгорочниот развој на музичко-сценската уметност во Македонија.
– Објавувањето на книгата е по повод одбележувањето на стогодишниот јубилеј на премиерата, потсетувајќи ја јавноста на улогата на градот Штип како колепка на македонската оперска традиција и на значењето на локалните културни иницијативи за националната музичка сцена – додава таа. С.Ј.

































