Фото: МОК
  • Признанието за Јаневска-Илиева е дел од пошироката селекција на награди со кои МОК ги одликува најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички за 2025 година. Ова е петто доделување на наградата „Златна Олимпија“, со кое МОК ги нагласува важноста на спортот и родовата еднаквост во Македонија

Фоторепортерката на „Нова Македонија“, Маја Јаневска-Илиева, беше прогласена за „Најуспешна спортска медиумска работничка“ во рамките на доделувањето на наградите „Златна Олимпија“, на свечена церемонија во Скопје, организирана од Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Признанието за Јаневска-Илиева е дел од пошироката селекција на награди со кои МОК ги одликува најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички за 2025 година. Ова е петто доделување на наградата „Златна Олимпија“, со кое МОК ги нагласува важноста на спортот и родовата еднаквост во Македонија.
Јаневска-Илиева, претходно годинава, за својата фотографија „Канадер – Охридско Езеро“ ја доби втората награда за најдобри фоторепортерски остварувања за 2024 година, на избор одржан по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, кој се прославува на 3 мај. Изборот беше во рамките на изложба на новинарска фотографија под наслов „Медиумска слобода низ објективот: Моментите што зборуваат“, во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), со поддршка од Европската Унија.

Фоторепортерката на „Нова Македонија“, Јаневска-Илиева, исто така е една од 30-те жени што годинава беа претставени на изложбата „Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ во улога на прва жена уредник на фотографија во печатен медиум во Македонија, која ја извршува во „Нова Македонија“. Изложбата беше посветена на жените што оставиле силен печат во македонската медиумска историја, а ја сочинуваа 30 фотографии што сведочат за нивната улога во зачувувањето и развојот на професионалните медиуми во земјава. Настанот го организираа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и женската медиумска мрежа „Еднаква“.
Маја Јаневска-Илиева, родена во 1976 година, повеќе од 25 години го документира политичкиот, социјалниот, спортскиот и културниот живот во земјава и во регионот. Таа е првата жена вработена како фоторепортер во Македонија, а во 2011 година стана и првата жена уредник на фотографија во печатен медиум, координирајќи ги планирањето на весникот „Нова Македонија“ и работата на колегите фоторепортери. Иако е дипломиран инженер архитект, таа ги разви своите фотографски вештини преку долгогодишно практично искуство и учество на меѓународни работилници посветени на етика, безбедност и визуелно раскажување. Н.М.